УО НА МКФ СПРЕМЕН ДА ЈА ПРОШИРИ ЕЛИТАТА

Пелистер и Вардар повторно прволигаши?

Одборниците со предлог овие два клуба, кои лани ги освоија последните две места во Првата лига да одиграат бараж со трето и четвртопласираната екипа од Втората лига...

објавено: 7 септември 2017 - 13:40

Во недостаток на официјална информација од седницата на Управниот Одбор на МКФ, сето треба да се сфати како неофицијално.

Како и да е, УО на МКФ во овој момент е подготвен да направи отстапка, односно во следната натпреварувачка сезона Првата лига да биде зголемена за уште два клуба. И тоа довчерашни прволигаши.
Или „во превод" да им даде шанса на битолски Пелистер и скопски Вардар да го задржат прволигашкиот статус.


Неофицијално, Одборниците со предлог овие два клуба, кои лани ги освоија последните две места во Првата лига да одиграат бараж со трето и четвртопласираната екипа од Втората лига, односно да им дадат шанса и на клубовите кои лани настапувале во второлигашката конкуренција да се борат за место во елитната конкуренција.
Согласно со Правилникот за натпреварување, односно членот 23, каде се третира ова прашање, и каде зависно од успехот во натпреварувањето, екипите преоѓаат од повисок во понизок ранг и од понизок во повисок ранг.

„Екипа која на крајот на сезоната преминува во понизок ранг на натпреварување, не може во наредната сезона да се врати, односно да се натпреварува во истиот степен на натпреварување“.

Но тука доаѓа еден нов момент кој вели вака:

„Освен во случај ако се откаже екипа од повисок ранг, ако се игра бараж помеѓу екипи што испаднале и екипи што не влегле во повисок ранг по редослед од пласман".

Е сега друга работа е кои екипи, и во каков состав, каде и како би ги одиграле овие натпревари, па многу веројатно е дека работите ќе станат појасни по состанокот на Здружението на клубовите од Втората лига кој е испланиран за денеска.

 

Најново во Кошарка