ЕВРОПСКИОТ ПРВАК СО ИНВЕСТИЦИИ ВО МАК-КОШАРКАТА

Перо Антиќ главен акционер во КК Гостивар

Новиот прволигаш се надева дека повторно ќе се врати интересот за кошарката во градот и дека ќе се создадат нови квалитетни млади играчи

објавено: 4 јули 2017 - 12:18

Најдобриот македонски кошаркар Перо Антиќ постојано е поврзан со кошарката, дури и кога е „мртва“ сезона. Антиќ кој е актуелен европски првак, денеска беше промовиран во главен акционер во новиот прволигаш Гостивар.

„Нашата цел е структурирање на млади кадри и враќање на КК Гостивар на патеките каде што бил. Свесни сме дека нема да биде лесно. Минавме трнлив пат. Се надевам дека ќе успееме да создадеме не само таленти туку и идни репрезентативци. Од сега, во Гостивар повторно ќе се гледа кошарката. Можам да објавам дека добро познатиот кошаркар, Перо Антиќ, стана дел на клубот, купувајќи дел од акциите во КК Гостивар“, рече тим менаџерот, Младен Ѓуроски. 

Тренер на тимот на Гостивар е Марјан Србиновски, кој потврди дека концептот на клубот е да се создадат млади играчи. 

„Благодарност на УО на КК Гостивар што ми даде доверба да работам на овој проект. Лично сум задоволен што се прават обиди Гостивар да се врати на старите патеки. концептот на клубот е уникатен, од развој на младите категории, до првиот тим. Можам да ветам макотрпна работа и разбирање“, рече Србиноски. 

Најново во Кошарка