ДЕНЕСКА ПОЧНУВА НОВИОТ КОШАРКАРСКИ ШАМПИОНАТ

По „распар-систем" до нов шампион, Работнички или МЗТ Скопје?

Реално гледано, вечните ривали некако отскокнуваат во однос на конкуренцијата, иако во борбата за местата кои водат во плеј-офот, и повисоко, би можеле да се вмешаат и Гостивар, Блокотехна, можеби Куманово, Фени индустри, Кожув...

објавено: 6 октомври 2018 - 13:00

Наместо планираните 12, требаше да бидат 10, на крајот испадна бројката на учесници во Првата лига да биде 11.

МФ направи уште еден сериозен компромис, си ги погази одлуките кои ги донесоа нивните тела (комитет за итност, Управен Одбор), топката ја префрлија на теренот на прволигашите. А овие, онака солидарно, одлучија да го остават скопски Шкупи во новата приказна наречена државен шампионат во кошарка.
Првенство во кое титуата ја брани нашиот најтрофеен кошаркарски колектив од постоењето, Работнички.
Екипа која и сега, во малку изменет состав, ќе се обиде да остане на тоа прво место во нашиот ни клупски баскет.

Реално, клубот од „Градски парк" има и уште пореални шанси да го направи тоа. Од проста причина што „црвено-белите", во најголем дел, го сочуваа својот играчки ростер, во кој навистина ги нема Американците (Џинјард и Робинсон) од ланската шампионска сезона. Но ангажирани се играчи како екс-репрезентативецот Марјан Јанески, кои треба да го пополнат тој „празен простор".
Барем до почетокот на новата календарска година, кога се очекува Работнички (и финансиски) да застане на нозе, и ростерот да биде дополнет со уште некое ново име.
Друга добра вест за шампионот е дека доби „попуст"' од МКФ, па првиот дел од сезоната, веројатно до почетокот на Суперлигата, ќе го игра на местото каде се чувствуваат и најудобно, во „Градски парк".
Сериозна предност во однос на конкуренцијата, во секој случај.

МЗТ како прв против-кандидат

Лани не издржаа, „пукнаа" кога беше најпотребно. Не ја продолжија доминацијата во македонската кошарка. МЗТ Скопје спрема одмазда, реванш за својот најголем конкурент.
И се чини дека „сино-белите" се на добар пат да застанат први во редот од екипите кои ќе го нападнат шампионот во обид да си ја вратат шампионската круна назад, во другиот дел од Скопје, оној аеродромскиот.
Екс шампионот има основа за едни такви најави. Особено ако се погледне онаа „длабочина на ростерот" со која во овој момент располага првиот тренер Ѓорѓи Кочов.
Плус оние две победи на стартот на АБА 2 лигата даваат потврда дека „металците" имаат „материјал" со кој може да направат нешто повеќе од место во финалето.
Дека се рамноправни, дури и во некои сегменти-позиции и подобар тим од оној од „Градски парк".
Веројатно, како и во изминатите години, ќе трошат добар дел од својата енергија на оние јадрански обврски, но тоа и ги прави различни во однос на конкуренцијата, пред се онаа најголемата.

„Фаворити од сенка"
Можеби и не во таа мерка да се оквалификуваат како „фаворити од сенка". Но во секој случај, има група на клубови кои веројатно ќе се вмешаат во трката за горните позиции на табелата, или оние кои водат во доигрувањето.
Има неколку, а ќе тргнеме од можеби најамбициозниот – Гостивар.
И лани направија доста, оваа година гостиварци, со право очекуваат уште повеќе. Помалку или повеќе и тие задржаа добар дел од ланскиот состав, на Тасовски, Димчевски, сега им е додаден и Александар Костоски, што е една добра добра домашна база која може, а веројатно и треба да биде надградена со уште некој играч во рекетот, за целината да биде како што треба.
Куманово е вистинска енигма. Градот во кој се сака кошарката, исто како и во Гостивар, не може да очекува премногу од тимот кој и оваа сезона, во друг амбиент (салата на Економското училиште) ќе го предводи Александар Петровиќ. Но „името" е гаранција дека во Куманово никој нема да си помине онака „лесно, лабаво".
Фени Индустри се враќа во некои нормални текови. Финансиската криза е надмината, полека кавадарчани се враќаат во оној стар добар колосек, ритам.
Формираа екипа која ќе има што да (по) каже во наредните месеци.
Во рамките на квалитетот кој го нудат овие екипи, може да го сместиме и двете гевгелиски екипи, Блокотехна и Кожув, и двете менуваа, и тоа доста во своите играчки ростери.
Кожув го искористи максималниот капацитет за привлекување на странци, чија бројка сега е намалена на три (во секое време од играта), додека пак кај „Блоко" има „простор" за дополнителен квалитет од страна.
Се чини дека и меѓу овие екипи ќе се бараат патниците за Суперлигата, односно оној втор дел од сезоната во кој пак треба да се издвојат четирите плеј-оф учесници.

Златна средина
Ако има таква, тогаш тоа би требало да бидат места резервирани за екипи како АВ Охрид. Охриѓани беа некако премногу тивки во текот на летото, не се експонираа премногу во јавноста, но на крајот се чини дека формираа екипа која ќе биде тука некаде во средишниот дел од табелата.
Веројатно тука неа де е и битолски Пелистер, кој исто така менуваше доста, остана без капитенот Анакиевски, што е голем хендикеп, ги променија и странците, оние американските. Па вистинскиот капацитет и квалитет на клубот од Битола ќе стане појасен по првите одиграни кола од новиот шампионат кој стартува вечерва.

Останатите...

Остануваат уште две екипи за кои треба да се каже дека имаат најмалку шанси да направат голем број на победи. „Вардарци" имаат младост, Шкупи пак една голема непозната, неформиран играчки ростер, кој веќе за седум дена треба да излезе на терените и да покаже зошто толку раководството на клубот од Чаир се бореше да остане прволигаш.
Најмладиот тим во лигата е и со најмало искуство, што ќе биде нивниот основен проблем во шампионатот.
Б. Радуловиќ


ПРВА ЛИГА – МАЖИ
ДВОЈКИ 1. КОЛО
ДЕНЕСКА:
17.00: АВ Охрид – Работнички
Судии: Павлов–Стојчевски-Златевски
17.00: Вардар – Куманово
Судии: Денковски-Петровиќ-Крстевски
18.00: Гостивар – Кожув
Судии: Милојевиќ-Јанков-Лазов
18.00: Фени Индустри – Пелистер
Судии: Мијалковски-Ѓорески-Михајловиќ
НЕДЕЛА:
17.45: Блокотехна – МЗТ Скопје (ТВ)
Судии: Феревски-Антовски-Панов

Најново во Кошарка