ЕМИЛ РАЈКОВИЌ ВО ИГРА ЗА НОВ СТРАТЕГ

По серијата од пет порази: Кожув ја прекина соработката со тренерот Боби Митев!

По серијата од три порази во домашното првенство и два во БИБЛ-лигата, како и по претходниот неуспех во Суперкупот, раководството на Кожув реши да ја прекине соработката со тренерот Боби Митев, дознава „Спортмедиа".

објавено: 5 ноември 2015 - 19:07

Гевгеличани беа во врвот од македонската кошарка во последните години, но сезонава решија да настапат со променет тим, своевиден спој на младост и искуство, што им донесе лош старт со само еден триумф и дури шест загубени средби. Последниот пораз на домашен терен од Карпош Соколи ја „прелило чашата“, поради што е решено да се направи промена на клупата, а претходно и во тимот по спогодбениот раскин на договорот со поранешниот НБА-играч, Ратко Варда.

Единствената победа на Кожув под палката на Митев беше остварена против Работнички во првата првенствена рунда, но потоа следеа неуспеси во пресметките со Фени индустри, МЗТ Скопје и со „соколите“. Претходно, екипата од Гевгелија неочекувано беше поразена од подмладените скопски центарци во полуфиналето од Суперкупот додека во БИБЛ-лигата прво загубија дома од Морнар, а потоа како гости беа декласирани од Сигал Приштина.

Засега нема официјална потврда за смената на Митев, што се очекува да се случи вечерва или најдоцна утре. Кошаркарската чаршија веќе почна да шпекулира со имињата околу новиот тренер на Кожув, а според последните информации, најмногу шанси за тоа во моментов има Емил Рајковиќ.

И.К.

Најново во Кошарка