ЗАСЕГА НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ ЌЕ ГО ЗАМЕНИ

Почна ремонтот во Аеродром: Репрезентативецот Симоновски договорно си замина од МЗТ Скопје!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Марко Симоновски, повеќе не е дел од екипата на МЗТ Скопје, откако двете страни денеска решија со взаемна согласност да ја прекинат соработката.

објавено: 26 ноември 2015 - 12:44

Ова решение на „металците“ е помалку неочекувано, уште повеќе ако се знае дека бекот-шутер веќе подолго време е повреден и е надвор од стројот. Очигледно потребата од квалитетен играч во ротацијата беше преголема за стручниот штаб на тимот да реши да го чека опоравувањето на Симоновски.

Засега не е познато кој ќе биде доведен на неговото место, но се очекува брза реакција на аеродромци, со оглед на тоа што пред тимот е тешко гостување в недела против словенечки Тајфун, а потоа и дуел на домашен терен со евролигашот Цедевита. Тешко е да се очекува некое бомбастично засилување, со оглед на неодамнешните изјави на тренерот Алеш Пипан за финансиската ограниченост на шампионот во делот на средствата кои му се на располагање за подобрување на составот.

Симоновски сезонава настапи само на првите четири средби од АБА-лигата, на кои имаше просек од 6,5 поени и 2,5 асистенции за 25 минути поминати на паркетот. Потоа се повреди (десната нога) и оттогаш не го облече цино-белиот дрес.

МЗТ Скопје во моментов е на најлошата серија досега во АБА-лигата, со оглед на четирите порази по ред, од кој два беа на гостински терен (Крка и Будуќност), а два во салата „Јане Сандански“ (Црвена звезда и Задар).

Најново во Кошарка