НА МЕЧ ТОКМУ ПРОТИВ „МЕТАЛЦИТЕ“

Поранешен голем талент на МЗТ суспендиран една година поради – напад врз судија!

Суспензија во траење од една година доби Даниел Милановски, поранешен талент на МЗТ Скопје и кошаркар на неколку други прволигашки екипи и тоа поради физички напад врз судија.

објавено: 4 ноември 2015 - 14:37

Инцидентот се случил викендов, на меч од М14 лига помеѓу екипите на КК Милановски, каде што тој работи како тренер и на неговиот некогашен тим од „Јане Сандански“. Според делегатот, поранешниот член на Куманово, Пелистер и на Амак-СП, на две минути до крајот на третиот период влегол на теренот и физички се пресметал со првиот судија Стојан Митев. Одлуката за суспензијата ја донесе комесарот за младинските лиги, поранешната македонска ведета Влатко Владичевски, кој дополнително го казни младиот тренер со 10.000 денари.

Милановски на кошаркарската мапа се појави пред осум години, кога одигра одлична сезона во дресот на „металците“. Сѐ уште се паметат неговите 32 поени со пет тројки во дуелот со Маврово или неговите 11 поени во последната четвртина во тогашната дерби-победа против Вардар. Неговиот блесок, сепак, беше краткотраен по што следеше заминување од Аеродром и не баш сјајно играње во помали клубови до раното завршување на играчката кариера.

Казната важи за сите категории, а тренерот на КК Милановски има право на жалба на одлуката на комесарот и тоа во рок од три дена до Арбитражната комисија.

Најново во Кошарка