ПОРАДИ ФИНАНСИСКИ ПРОБЛЕМИ

Проблеми во кошаркарската елита: Штипски Гоце Делчев се откажа од настапот во Првата лига!

објавено: 14 јули 2015 - 23:35

Македонската кошаркарска елита остана без штипскиот прволигаш Универзитет Гоце Делчев, откако управата на овој клуб денеска и официјално ја извести Македонската кошаркарска федерација (МКФ) дека поради финансиски проблеми нема да биде во можност да се натпреварува со најдобрите во овој спорт кај нас.

„По применото известување, МКФ со жалење констатира дека екипата на Гоце Делчев поради финаниската состојба не е во можност да продолжи со настапите во Првата Македонска лига. И понатаму останува грижата на МКФ за состојбата со штипскиот тим, со надеж дека натамошната активност на сениорската екипа не е доведена во прашање“, се вели во кусото соопштение од Куќата на кошарката.

Штипјани минатото првенство за првпат во клупската историја беа дел од прволигашката конкуренција, обезбедувајќи опстанок како осмопласирани на крајот со скор 6-20. Главна причина за финансиските проблеми на Гоце Делчев и одлуката на истоимениот Универзитет да го повлече покровителството врз тимот, со што се создаде преголема дупка во обезбедување средства за нормално функционирање.

Според актите на МКФ, прв на листата за надополнување на испразнетото место во елитата е третопласираниот од Втората лига минатата сезона, тимот на Радовиш, а ако тој не покаже заинтересираност правото следствено се пренесува на Борец, Вардар Апаве, Тетекс ТТК, Пелистер, Шкупи и на Црн Дрим.

Најново во Кошарка