Кавадарчани погодуваа во прво, гостите во второто полувреме

Работнички фати „седумка“

Во свој стил, најискусниот тим во првата лига го одигра дербито во „Јасмин“. Со серија на тројки во период од неколку минути од третата и уште толку од последната четвртина, го урна отпорот на Фени Индустри 

објавено: 21 декември 2016 - 19:44

Работнички останува единствената екипа во досегашниот дел од првенството која ги забележа сите седум победи. Во дуелот на двете непоразени екипи, избраниците на тренерот Марин Докузовски го освоија кавадаречки „Јасмин“. 

Фени Индустри - Работнички 76:84 (18-21; 23-15; 19-23; 16-25)

Без Илиевски и без Чековски, Работнички ниту од далеку не изгледаше на екипата од првата четвртина, која ја доби со (21:18), иако по пет минути игра поведе и со (13:6).

Со серија од (18-6), кавадарчани изградија и двоцифрена предност од (38:27). А за седум минути во втората, гостите од Скопје уфрлија само шест скока. Извонредна роља имаше Јане Петровски кој откако влезе во игра реализираше четири тројки (од шест обиди), и со своите 12. поени беше главниот двигател во игртаа на Фени Индустри. 

На другата страна, во ист стил играше и уште еден плејмејкер, Димитар Мираковски, кој исто така дојде до бројката од 12. реализации (5/8 од игра). Тоа донесе и резултат, затоа што до одморот Работнички ја преполови таа негатива, беше на достижни пет чекори поназад во однос на домашната екипа (36:41). 

Андреј Магдевски беше кошаркарот кој ја врати предноста на Фени Индустри на двоцифрена. По неговиот 11. поен, кавадарчани водеа со солидни (50:39). Но Работнички повторно се врати на негативата од полувремето (52:57), кога се играше 28, минута, a по тројката на Тасовски (осма тимска), на истекот на третата четвртина беше само „половина поен“ плус за домаќинот (60:59).

Веќе во следниот напад, првиот во последниот период, Работничики направи и резултатски пресврт. Мираковски погоди за водство (61:60) кое гостите го немаа се од втората четвртина, кога водеа со (21:20).

Серијата од 13 гостински поени ја прекина, со тројка Николовски, за израмнување (63:63). Но новите три тројки (од Тасовски, Вигинс и Мираковски) ги донесоа гостите до „Градски парк“ на скоро недостижни девет поени разлика (78:69). На кавадарчани им останаа само две минути за да ја исправат работата.

Но со пет поени по ред, Николиќ ја завери и „седмицата“ во контото на „црвено-белите“, доволно за лидерска позиција.

За да биде така се погрижи цела една петорка на играчи во „црвено-бела“ комбинација. Ја предводеше Мираковски со 20. поени, веднаш до него со 16 реализации беше Чековски, Тасовски даде 15, додека пак по 10 дојдоа од Вигинс и пријатното изненадување - Николиќ.

На „бело-црната“ страна пак слична распределба на поените, но на крајот недоволна да се побегне од првиот пораз во првенствената сезона.

Петровски беше стрелец на 17. поени, Николовски на 12, а по 11 пак уфрлија Шарабидзе и Магдевски, кој застана вто вториот дел од играта. Десет поени запиша и Хрватот Чешковиќ 

 

* На вториот меч одигран во Битола, кошаркарите на Кожув ја оправдаа улогата на фаворит. Славеа гевгеличани против Пелистер со сигурни (83:69).

Тоа е четврта победа за нив во седум одиграни кола со која и дефинитивно се приклучија на оној горен дел од табелата (скор 4-3).

Пелистер - Кожув 69:83 (13-22, 17-23; 19-18; 20-20)

Сите пет стартни играчи на Игор Михајловски имаа двоен број на поени. Најмногу 23, даде новакот Јанев, стандардно добар беше Мијовиќ со 20, Два помалку од него уфрли Мекнил, а по 10 имаа и Штерјов и Хол. 

Кај битолчани се некако се вртеше околу „трилингот“ Анакиевски (22)-Хоукинс (16)- Голубовиќ (11), 

 

 

 

 

 

 

 

Најново во Кошарка