„ЦЕНТАРЦИ“ ПОДОБРИ ВО ДЕРБИТО НА 17. КОЛО

Работнички го победи Кожув, ама не ги одушеви навивачите!

„Центарци“ славеа со „само“ пет поени против ослабениот Кожув, кој настапи без двајца стартери и тренерот Србиновски, што и беше причината за негодувањето за тесната победа кај дел од фановите.

објавено: 14 март 2014 - 20:54

Добро е што победивме, но мораше да биде полесно против ослабениот Кожув. Ако сакаме нешто повеќе во Суперлигата, играчите ќе мора да прикажуваат многу подобри игри.

Ова беа само дел од реакциите на најверните навивачи на кошаркарскиот прволигаш Работнички кои ги слушнавме на излегувањето од салата „Градски парк“ по победата на нивните миленици во дербито на 17. коло со релативно неубедливи пет поени разлика (72-67). Гостите од Гевгелија играа без стартерите Слободан Божовиќ и Димитар Мираковски, како и без тренерот Марјан Србиновски, што беше причина за негодувањето за тесната победа кај дел од фановите.

Но, без разлика на реакцијата на дел од навивачите, победата на црвено-белите е сосема заслужена бидејќи ја имаа контролата врз играта и резултатот во сите 40 минути. Со овој триумф, екипата предводена од Емил Рајковиќ се издвои на врвот од прволигашката табела, со скор 14-1, што е една победа повеќе од директниот конкурент за прволигашкиот врв, Кожув, кој по вечерашниот неуспех има учинок 13-2.

2

Но, 14-кратниот шампион не успеа ниту да се доближи до победа со 24 поени разлика, колку што беше негативата на Работнички во Гевгелија, што значи дека при изедначено бодовно салдо на крајот од Првата лига, кошаркарите на Кожув ќе бидат подобропласирани. Првото место, сепак, не носи никакви бенефиции во Суперлигата, освен зголемена самодоверба кај играчите, со оглед на тоа што во следната фаза сите стартуваат од нула.

Најефикасен на натпреварот беше Душан Кнежевиќ со 26 поени, а имаше и 16 скокови. Дарко Соколов го следеше со 13 поени во победничкиот тим на Работнички. Кај Кожув, најрасположен за поентирање беше Александар Штерјов со 16 постигнати поени.

Најново во Кошарка