„Црвено-белите“ во потрага по форма и играч во рекетот

Работнички го тестираше Мишановиќ, но загуби од Пеќ

Во „контролата“ против косовскиот прволигаш, за тимот од „Градски Парк“ играше и довчерашниот „кумановец“, Ненад Мишановиќ, но и тоа не беше доволно за успех, Славеше тимот на нашиот стручњак Александар Тодоров со (69:67)

објавено: 24 септември 2016 - 18:58

Во контролен натпревар одигран денеска во салата во „Градски Парк“, кошаркарите на Работнички загубија минимално од екипата на Пеќ со резултат (67:69).

Гостите од Косово, кои од клупата ги предводи нашиот стручњак Александар Тодоров, до минималната победа дојдоа со подобра игра во второто полувреме, Во она првото, резултатската предност беше на страната на домашната екипа. По првиот дел од „контролата“ Работнички водеше со убедиви (43:30). Но падот во играта уследи по големиот одмор (резултатот по четвртини 23-22; 20-8; 8-18, 17-20).

Она што е новитет од „Градски Парк“ е што на овој натпревар во екипата на Работнички се појавил и српскиот интернационалец, Ненад Мишановиќ.

Довчерашниот играч на Куманово ќе биде во конкуренција за место во центарската линија на „црвено-белите“ во наредниот период, по што стручниот штаб ќе одлучи и дали ќе ја задолжи опремата за оние официјални натпревари во сезоната во која Работнички ќе игра само во македонската Прва Лига.

Од друга страна екипата на Пеќ го продолжува својот престој во Макеоднија како гостин на турнирот во Кавадарци. Таму веќе ги чека нов сериозен предизвик, полуфиналниот дуел против екипата на МЗТ Скопје, предвиден за недела попладне во салата „Јасмин“. 

Најново во Кошарка