ДУЕЛ НА НАЈДОБРИТЕ ЕКИПИ ВО ПРВАТА ЛИГА

Работнички и Кожув во битка за првото место кое не носи ама баш – ништо!

Според Пропозициите за натпреварување, најдобрите пет прволигашки екипи ќе изборат пласман во Суперлигата, во која место има обезбедено и за македонскиот претставник во АБА-лигата, МЗТ Скопје, а каде што сите почнуваат од - нула.

објавено: 14 март 2014 - 15:29

Најдобрите екипи во досегашниот дел од кошаркарската Прва лига, Работнички и Кожув, попладнево ќе ги одмерат силите во салата „Градски парк“ во Скопје (17.30 часот) во битка за првото место на табелата, кое сезонава не носи апсолутно никаква предност освен спортска сатисфакција.

Според Пропозициите за натпреварување, најдобрите пет прволигашки екипи ќе изборат пласман во Суперлигата, во која место има обезбедено и за македонскиот претставник во АБА-лигата, МЗТ Скопје, каде што сите почнуваат од нула. Тоа значи дека и покрај фактот што кошаркарите на Работнички и на Кожув во моментов имаат скор 13-1, во Суперлигата тие ќе имаат иста стартна позиција како на пример Струмица, која има 50-отстотен учинок од седум победи и исто толку порази.

Но, без разлика што лидерската позиција на табелата во Првата лига не носи било какви бенефиции, се очекува денешниот дуел во скопскиот храм на кошарката да донесе голема битка, со оглед на тоа што двете екипи сакаат да победат и да го зголемат нивото на самодоверба во своите редови во пресрет на Суперлигата.

KK-Kozuv

Работнички во мечот влегува како благ фаворит, најмногу поради фактот што игра на домашен терен и пред навивачите кои неретко се во улога на шести играч на црвено-белата чета. „Центарци“ последен пат загубија прволигашки натпревар на 23 ноември минатата година токму од Кожув во Гевгелија и тоа со 24 поени разлика, што е дополнителен мотив за избраниците на тренерот Емил Рајковиќ. Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас оттогаш направи сериозни измени во тимот, ги додаде искусните Раде Џамбиќ, Бариша Красиќ и Горан Икониќ, што дава сосема поинаков однос на силите на теренот.

Гевгеличани, пак, се релативно ослабени од претходниот дуел со Работнички, со оглед на тоа што во составот ќе ги нема Димитар Мираковски и Слободан Божовиќ, како и тренерот Марјан Србиновски. Но, привремениот стратег, Димитар Димитров на располагање има доволно квалитетен тим, кој и тоа како може да му ги наруши сметките на 14-кратниот шампион. Кожув е во победничка серија во домашното првенство уште од 2 ноември минатата година и 4. коло, и сосема логично е да се очекува играчите на овој тим да дадат сѐ од себе за да дојдат до 12. победа во низа во средбите од Првата лига.

Средбата во „Градски парк“ почнува од 17.30 часот и директно ќе биде пренесуван на МРТ 1. Останатите натпревари од ова претпоследно коло во Првата лига се играат утре, задутре и во понеделник, а се среќаваат Фени - Карпош Соколи, Куманово - Лирија, Вардар Апаве - Струмица.

Најново во Кошарка