ДВЕТЕ НАЈЕФИКАСНИ ЕКИПИ ВО ПРВ ПОЛУФИНАЛЕН ДУЕЛ

Работнички ќе го „заклучи“ нападот на Куманово?

Тимот што ќе одигра подобра одбрана, ќе биде поблиску до победата и водство од 1-0. Работнички сезонава не знае за пораз во „Градски парк“

објавено: 9 мај 2018 - 16:45

Кошаркарските тимови на Работнички и Куманово се добри познаници, сезонава меѓусебе одиграа пет меча и скопјани славеа четири пати, па тоа ги прави фаворити во полуфиналната серија која почнува вечерва од 19 часот, во „Градски парк“. Ова се двете најефикасни екипи сезонава, па треба да се очекува ефикасна кошарка со многу поени, и затоа тимот што ќе биде поагресивен во одбраната, ќе биде поблиску до водство од 1-0.  

Работнички својот прв првенствен пораз сезонава го претрпе токму од Куманово, но за да оди понатаму, кумановскиот тим мора трипати да направи таков подвиг и барем еднаш да му го земе скалпот на фаворитот во неговата сала. За Куманово не е непознато да победува на гостување кај Работнички во полуфинална серија, но сезонава тимот на Марин Докузовски не знае за пораз на свој паркет. Тоа ја отежнува задачата на кумановци кои играат во многу променлива форма. Дали денеска ќе им тргне и ќе го изненадат Работнички или ќе загубат убедливо како неодамна при гостувањето во „Градски парк“, останува да се види. 

Од оваа средба нема телевизиски пренос, но љубителите на спортот со портокаловата топка ќе може да го проследат мечот на интернет. Вториот меч од оваа серија е закажан за 12 мај во Куманово. 

Најново во Кошарка