АМБИЦИОЗНИОТ ВТОРОЛИГАШ НОСИ УШТЕ ЕДНО ЗАСИЛУВАЊЕ

Радовиш го договори и Младеновиќ

Искусниот бек би требало да биде вториот искусен играч кој оваа зима ќе направи трансфер во Радовиш откако се договорени сите детали за премин на Златко Гоцевски, кој пак првиот дел од оваа сезона го помина како играч на Кожув.

објавено: 11 јануари 2017 - 19:00

И дефинитивно второлигашот Радовиш е некако најактивен во овој зимски преоден рок. По најавите за „партнерство" со довчерашниот прв човек на Кожув, Томе Главчев, актуелното раководство на Радовиш продолжува со формирањето на екипата која треба да обезбеди пласман на местата кои водат во прволигашката конкуренција.
Па така ново име во играчкиот ростер на радовишани за вториот дел од сезоната, но и во наредните две години плус, ќе биде Марјан Младеновиќ.


Младеновиќ е активен дел од екипата на АВ Охрид во оваа, но и во изминатата сезона. Притоа даде голем придонес во походот на охриѓани кон Првата лига, а во моментов, по осум одиграни кола во елитното друштво, е трет стрелец во екипата на тренерот Петар Чочороски.
Дваесет и девегодишниот организатор на играта ги одигра сите осум меча за АВ Охрид, и притоа за просечни 29.3 минути по натпревар, реализираше по 10.6 поени, но и 4.1 асистенции, плус и 2.8 скока и 1.6 освоени топки.
Согласно со договореното, Младеновиќ ќе остане во тимот од Охрид во јануари, и ќе ги одигра наредните три средби на АВ Охрид, по што пред истекот на преодниот рок за клубовите од Втората лига (10. февруари), ќе му се приклучи на новиот клуб во неговата кариера во која претходно настапуваше и за екипите на Куманово, а пред тоа и за Овче Поле од Свети Николе.

Најново во Кошарка