ШАМПИОНОТ ВО ПРЕГОВОРИ СО НАШИ ИГРАЧИ

Репрезентативците на „мета“ на МЗТ Скопје

Откако шампионот го реши тренерското прашање со Александар Тодоров, тргна во офанзива по македонски кошаркари. Во моментов тимот од Аеродром неофицијално преговара со поголем дел од репрезентативците.  

објавено: 15 јуни 2017 - 18:17

Со назначувањето на Александар Тодоров на клупата, МЗТ Скопје започна со градење на тимот за новата сезона. Од таборот на македонскиот шампион не кријат дека приоритет се домашните играчи, во случајов тоа се репрезентативците кои ќе се најдат на списокот на селекторот Јорданчо Давитков.

„Спортмедиа“ дознава дека први на листата на желби се близнаците Војдан и Дамјан Стојановски. И двајцата имаат статус на слободни играчи, Војдан не го продолжи договорот со Реал Бетис, а додека Дамјан поради повреда беше надвор од терените.

Во моментов без ангажман се уште и Бојан Трајковски, Дарко Соколов, Стојан Ѓуроски, Димитар Караџовски, Андреј Магдевски, Кирил Николовски и Кристијан Николов. Од шампионскиот состав, засега под договор се Адем Мекиќ и Марко Симоновски, додека од странците Ксавиер Темс. 

МЗТ Скопје периодов работи на создавање конкурентен тим за претстојната сезона која ќе биде единствениот македонски претставник во АБА-лигата, а, можеби, ќе се обидат и во квалификациите за Лигата на шампионите.

Кои се точните планови на „штрковите“ ќе биде познато во текот на утрешниот ден за кога е закажана промоцијата на Александар Тодоров. 

 

Најново во Кошарка