ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РАБОТНИЧКИ ИМА ПОРАКА ДО ЧЕЛНИЦИТЕ НА МКФ

РИСТО ГАПИЌ: Дечки, вака не се враќа публиката во сала!

„Зарем денеска не Ви се исполни душата кога ја видовте салата преполна? Се надевам дека нема да одите со бесмислени чекори. Овој прекин нека биде последен... Оставете да се игра кошарка, оставете да има драж во салите. Сепак ова е спорт, а не театар. Сепак ова е Балкан, а не Скандинавија“.

објавено: 18 март 2018 - 09:00

Ристо Гапиќ, претседателот на Работнички, екипата актер на големото дерби каде за противник го имаа МЗТСкопје, кое за жал, синоќа беше прекинато пред крајот на третиот период, има свое видување на настаните во тие 27-28 минути играње на кошарка.

Го постави првиот човек на клубот од „Градски парк" на својот Фејсбук профил:

„Читам и слушам, сите го анализираат и јавно го коментираат прекинот на дербито помеѓу КК Работнички и КК МЗТ Скопје Аеродром.
Денеска требаше да биде празник на спортот и кошарката. Денеска салата Градски Парк повторно беше исполнета до последното место, исто како порано, како пред 15-20 години кога се ми беше споредно освен да го бодрам КК Работнички, а пред се кога ја засакав кошарката како спорт.
Но, за жал на некого очигледно му смета полн Градски Парк.
Малку историја, се сеќавате на ова исто дерби во 1996/1997 година, пекол во Градски Парк, салата беше исполнета 2 саати пред почеток на натпреварот. Жар во очите на дечките кои се би дале за својот тим (CPB i Family). Со сета човечка сила пееа и го бодреа својот тим, исто и јас (нормално за Работнички). Тогаш беше чест да се биде дел од такво дерби, дали како актер на теренот или на трибините.
Чест е и сега, но за жал некој не сака да е така и упорно се обидува Градски Парк да го уништи како место од каде излегоа многи македнски кошаркарски имиња, како да сакаме се што не потсеќа на тоа време да се избрише.
Очигледно на некои луѓе убаво им е да се игра кошарка со 100 тина луѓе на трибините. Зошто?! Зарем кошарката не се игра за публика?
Во минатото, да, тоа минато за кое сите зборуваме (новинари, спортски работници, играчи, судии, делегати, љубители на кошарката и сите кошаркарски чинители) имало многу почувствителни и поризични дербија од ова денеска. Но, тогаш беше чест и престиж да се издржи во Градски Парк. Денеска на кој како ќе му текне си решава за кошарката. Ама ако.
Сега малку детали за денешниот прекин. Натпреварот почна во најдобар ред. Пак ќе повторам, во преполна сала како порано. Се пееа навивачки песни, се играше добра кошарка (не беше досадно), неколку резултатски пресврти. Изгледа на некого тоа пак му сметаше. По неколку жестоки реакции од публиката, судиите на натпреварот (кои отсудеа одлично) дадоа две опомени до двете навивачки групи (легитимно). На третата опомена, за навивачката група на КК МЗТ Скопје Аеродром се прекина натпреварот и беше побарано да се испразни нивната трибина.
Чекавме десеттина минути и на разглас не известија дека службените лица одлучиле да не ја празнат трибината, туку, да го прекинат натпреварот и истиот да продолжи утре, без публика.
Кога се симнав во соблекувалната на службените претстаавници за да добијам објаснување зошто не се празни трибината каде што беа сместени навивачите на КК МЗТ Скопје Аеродром, туку се прекинува натпреварот, од делегатот и од судиите добив логично, но сепак до крај несфатливо објаснување.
Тие ме известија дека полицијата го прекинала натпреварот. Објаснувањето на полицијата било дека трибината треба да ја испразни редарската служба која според делегатот не била во доволен број и не била на висина на задачата (за тоа постои казна по пропозиции за натпреварување, а не е причина за прекин на натпреварот).
Полицијата била тука доколку се загрози безбедноста на останатата публика. Смешно!
За полицијата да ја празни трибината немале капацитет и не можеле да ја гарантираат безбедноста во случај да продолжи натпреварот и дале предлог до делегатот и судиите да се прекине натпреварот и да се игра утре во празна сала.
Сега едно прашање: Како минатата сезона полицијата празнеше трибини, кој им даваше наредба, зарем тогаш не требало редарите да ја празнат салата?

Очигледно е дека нешто не штима. Ама изгледа не дека не штима салата, туку правилата, законите и пропозициите.
Зошто го прекинавте натпреварот?
Гледам некои медиуми пишуваат наслови „Погледнете на кого му ја згадивте кошарката", па да тие луѓе се жртва на тоа што вчера секој бегаше од одговорност за празнење на трибина, па полесно беше да се прекине натпреварот.
За крај сакам да упатам една порака до МКФ: Дечки, вака не се враќа публиката во сала! Вака само се оддалечува истата.
Денеска немаше инциденти, денеска се навиваше, се славеше дербито. Сакале Вие или не, без КК Работнички и КК МЗТ Скопје Аеродром нема да имате полна сала, а без CPB и Family нема кошаркарко дерби. Тие се диригентите за атмосферата во салата.
Зарем денеска не Ви се исполни душата кога ја видовте салата преполна? Се надевам дека нема да одите со бесмислени чекори. Овој прекин нека биде последен.
Оставете да се игра кошарка, оставете да има драж во салите. Сепак ова е спорт, а не театар. Сепак ова е Балкан, а не Скандинавија. Во овој дел од Европа на секого му е тешко да игра и паѓаат многу големи кошаркарски тимови. Дозволете ни на нас клубовите да докажеме зошто треба да се доаѓа во сала, а не да лиферувате лаги и да ја подгреваат спортската јавност дека владее терор и неспортско навивање. Денеска се беше преувеличено. Па и Вие сте биле дел од тој жежок терен, а дел од Вас можеби само посакувале.
КК Работнички нема друг дом освен Градски Парк во кој пораснавме и ја засакавме кошарката. Се друго е залудно.
Спортски поздрав"- напиша и порача Ристо Гапиќ.

 

Најново во Кошарка