ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КОЖУВ ПРЕДУПРЕДУВА

Сакаме чисти сметки, првенството е нерегуларно

„Ние сме подготвени да платиме она што реално треба да го платиме, но сакаме чисти сметки, да се свика седница на Здружението, да седнеме сите на иста маса, да видиме кој платил, кој не платил, а не вака, да добиваме суспензии во текот на првенството"- вели Димитар Димитров.

објавено: 27 јануари 2017 - 19:45

Уште еднаш во текот на оваа сезона екипата на Кожув, сега заедно со уште три други, е одново во центарот на вниманието на македонската кошаркарска јавност.
Причината е суспензијата која на клубот од Гевгелија му ја изрече комесарот за натпреварување при МКФ, според која не може да ги игра следните првенствени натпревари до моментот на подмирувањето на долговите спорема истата.
Но на овој момент стигнува реакција од раководството на клубот од Гевгелија. Од Кожув се децидни, сакаат да знаат зошто една ваква одлука на МКФ доаѓа на средина на сезоната, зошто некои клубови се привилегирани,со еден збор да се утврди фактичката состојба во која се наоѓа нашиот шампионат или она што се нарекува македонска Прва лига.

"Кажавме и досега во неколку наврати кој е нашиот став во врска со плаќањето на енормно високите такси за издавање на играчки лиценци за странските кошаркари. Изгледа дека некои брзо забораваат, или имаат кратка меморија, дека поради тие наши заклучоци кои ги донесовме на Здружението на прволигашите, беше свикана вонредна седница на Собранието на МКФ со единствена точка на дневниот ред, гласање на доверба на претседателот на федерацијата?

Сега гледаме некои други релации. Оние кои беа за смена на Наумоски ги нема никаде, односно добиваме информации дека само четири клубови добиле суспензии порад неплатен долгови спрема федерацијата. Ако претседателот на МКФ и неговите соиграчи сметаат дека се 'машина за собирање на пари', нека повелат и нека ги средат оние други работи во кошарката. А не да мислат само на тоа, како да дојдат до што е можно повеќе пари, нашите пари на клубовите, со кои тие сакаат да си обезбедат своја егзистенција, а не да ја унапредат кошарката. Дали прашуваат како и на кој начин ние клубовите, конкретно КК Кожув ги обезбедуваме тие средства?"- прашува претседателот на клубот од Гевгелија, Димитар Димитров.

 

Друга работа која ја потенцира Димитров се "привилегиите" кои ги уживаат некои клубови?

„Ако МЗТ Скопје и Карпош Соколи веќе се доволно привилегирани што не играат во нашата Прва лига, не знам зошто тие се ставени надвор од целата оваа работа? Зарем другите клубови освен Кожув тука ги ставам и Куманово и Фени Индустри се во некоја поразлична положба само затоа што играат и тоа успешно во Балканската лига. Зарем тоа не треба да биде мотив плус кај надлежните структури во федерацијата да размислат уште еднаш пред да носат одлуки за суспендирање, и тоа во моментите кога сите четири македонски, повторувам, македонски екипи го поминаа првиот круг од БИБЛ лигата, и остануваат со реални шанси да одат до самиот крај на ова натпреварување. Навистина е нејасно да се оди против интересите на она што го нарекуваме македонска кошарка. Којзнае можеби е подобро да се откажеме од играњето надвор од нашите домашни рамки. Да се затвориме тука, во овој магичен клуб наречен македонска клупска кошарка. Затоа што сето ова поека прераснува во една голема нерегуларност"- дополнува Димитров кој има и предлог како да се оди понатаму во оваа ситуација која полека но сигурно „бега од контролата".

"Треба јасно и гласно да се каже кој колку и за што должи. Да се собереме сите што е можно поскоро на состанок на кој отоврено ќе се дискутира, што и како понатаму. Затоа што сме уверени дека не се само овие четири клуба во прашање. Дека има и други несредени сметки, не само во Првата лига, туку и во оние подолни рангови на натпреварување. Гледам дека се изречени суспензии и во младинските лиги. Значи имаме проблем, евидентен, и голем. На тоа треба да се насочат Наумоски и тие околу него кои и дефинитивно мислат само на парите а не на развој на кошарката. Ако мисли поинаку му давам предлог, нека ни понуди барем двајца квалитетни македонски кошаркари за КК Кожув, а јас лично, и со големо задоволство ќе ги плаќам, и ќе повлечам двајца играчи од екипата кои се водат како странски. А во меѓувреме, прволигашите да излезат со чисти сметки. Впрочем што би правела федерацијата ако ги нема клубовите, тоа би ги запрашал оние кои на ваков начин ни ја водат кошарката".

Најново во Кошарка