РЕАЛНОСТ ВО НАШАТА КОШАРКА, САМО ЕДНА ПРИЈАВА ПЛУС ВО КУПОТ

Само Гостивар ќе им конкурира на прволигашите

Од оние екипи кои „мораат" да се мачат и да играат во Купот на Македонија, само второлигашот од Гостивар, кој не ги исполнува „прволигашките критериуми" се пријави да „проба" да им конкурира на прволигашите.

објавено: 1 јануари 2017 - 13:00

Мизеријата на македонската кошарка продолжуа. Доказ плус за тоа е пријавата на само една второлигашка екипа во натпреварите од Купот на Македонија за сезоната 2016/2017.
Или она што некогаш се нарекуваше најмасовно натпреварување во нашата земја.
Лидерот во Втората лига, екипата на Гостивар 2015, е единствената која се пријави за настап во натпреварите од Купот на Македонија за сезоната 2016/2017.
И се чини му донесе доста проблеми на комесарот за натпреварување при МКФ, Владо Цветковски во и околу формирањето на натпреварувачките бројки, односно нивоа на натпреварување, согласно со тоа и двојките за првата елиминациска фаза.
Цветковски одлучи „пресекот" да биде по одигрување на седум првенствени натпревари (досега, до паузата, се одиграни осум), според кои и се формирани натпреварувачките двојки.
Измени, во однос на претходните сезони пак се оние кои велат дека екипите кои не се дел од првата фаза од шампионатот, МЗТ Скопје и Карпош Соколи ќе ги добијат натпреварувачките броеви 3 односно 4. И дека пред нив се двете водечки екипи во овој момент, Работнички и Фени Индустри на кои им припаднаа „единицата" односно „двојката".
Понатаму, според одлуката на комесарот следуваат екипите на Куманово, Кожув, АВ Охрид, па Струмица, Пелистер и Вардар.
Тие се 11. екипи кои ќе се надеваат дека во оваа сезона 2016/2017 ќе го освојат Купот на Македонија.
Согласно со пропозициите, во првата елиминциска фаза ќе се сретнат екипите на Гостивар 2015 и Струмица (како двојка А) односно Вардар-Пелистер (двојка Б).
Новитет е дека на 11 јануари ќе се одигра само по еден натпревар, и победниците од двете двојки (А и Б), три дена подоцна, на 14. јануари, ќе разигруваат за таа осма позиција која ќе ги формира оние двојки за четвртфиналето.
Инаку, натпреварувачките броеви (3 и 4) за екипите на МЗТ Скопје и на Карпош Соколи ќе бидат одредени по пат на ждрепка. Исто како според тој метод ќе се одредат натпреварувачките броеви од 5 до 8. на екипите кои се подредени според моменталниот пласман по одигрување на седумте кола во регуларниот дел од првенството.
Односно тука станува збор за екипите на Куманово 2009, Кожув, АВ Охрид и победникот од претквалификациите.
Што се однесува за системот, ќе се игра според оној стандардни 1-8 (А), 2-7 (Б), 3-6 (Ц), и 4-5 (Д), кога ќе се извлечат редните броеви на екипите од втората група.
Согласно со тоа, во полуфиналето ќе играат победниците од двојките А-Д, односно Б-Ц.
Финалниот турнир од Купот на Македонија во машка конкуренција ќе се одржи во периодот од 17 до 19. февруари, 2017 година, според усвоениот календар.


Но јасно е дека претходно ќе треба да се утврди статусот на екипата која испрати пријава за настап. Во овој момент Гостивар 2015 не ги исполнува условите да се натпреварува во ист ранг на натпреварување заедно со екипите од Првата лига. Пред се затоа што во Гостивар не постојат услови за одигрување на натпревари од највисок ранг на натпреварување, поради што и досега гостиварци не се стекнаа со прволигашки статус (немање на соодветна подлога во салата „Младост" во Гостивар).
Веројатно тој податок е занемарен кога се формирани оние елиминациски двојки. Но не е нерешлив, особено ако се знае дека се игра само еден натпревар во тој прв елиминациски круг.
Во билтенот на МКФ не е прецизирано на кој терен ќе се одиграат тие мечеви од првата елиминациска фаза. Односно дали предноста на домашен терен ќе им припадне на послабо рангираните екипи, или пак и двата меча ќе се играат на неутрален терен, со што би им се овозможило на гостиварци да ги потврдат своите квалитети против екипите од прволигашката конкуренција.
Затоа пак, се чини дека процедурата на формирање на натпреварувачките двојки во оној женски сегмент од Купот на Македонија е доста поедноставна. Во полуфиналето ќе играат екипата на Бадел 1862 против четвртопласираната екипа односно Вардар против онаа која ќе биде третопласирана.
Финалниот турнир во женска конкуренција е предвиден за 18-19 февруари, исто така следната година.

Најново во Кошарка