ГОСТИВАР НОВА ЖРТВА НА НЕПОРАЗЕНИТЕ ОД „ГРАДСКИ ПАРК“

Серијата на Работнички трае и трае... (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Работнички продолжува со теророт сезонава. Избраниците на Марин Докузовски го запишаа вториот триумф во Супер-лига, вкупно 24-ти, откако го совладаа Гостивар со 71-57.

објавено: 5 април 2018 - 20:40

Засега не се најде јунак за Работнички. Најтрофејниот кошаркарски колектив не застанува, а нова жртва беше тимот на Гостивар, кој во „Градски парк“ беше совладан со 71-57 (21-21, 20-7, 12-14, 18-15) во последниот меч од второто коло во Супер-лигата.

За „црвено-белите“ кои ја играат најдобрата сезона ова беше втора победа во битката за пласман во полуфиналето на плеј-офот, вкупно 24. триумф. На другата страна Гостивар кој на кормилото беше без првиот стратег Марјан Србиноски (поради суспензијата од два меча) го забележа вториот пораз и засега останува на петото место на табелата.

По изнедначената игра во првата четвртина, кошаркарите на Работнички победата ја обезбедија во следните десет минути. Овој период кој го отворија со серија од 18-4 го добија со 20-7 и на полувремето заминаа со предност од 41-28. 

Во продолжение гостите се обидоа да се заканат, но разиграниот домаќин не го дозволи тоа. Рутински го приведе мечот за нови два бода со кои се зацврсти на врвот на табелата.

Најефикасен кај победникот беше Костов со 16 поени и Гинјард со 13 поени и 7 скока, на другата страна Шегариќ имаше 14 поени. Вечерва дебитираше и новото засилување Еванс Шон, кој одигра три и пол минути и постигна два поени. 

Во следното коло Работнички е гостин на Куманово, додека Гостивар го пречекува бранителот на титулата МЗТ Скопје. 

 

Најново во Кошарка