Низата на МЗТ Скопје продолжува, не ги сопре ниту К. Соколи

Шеста по ред за „металците"

Со серијата од (11-2), бранителот на титулата негативата од четири поени (74:78), за претвори во добитна комбинација, за конечни (86:82) и титула број 6...

објавено: 24 мај 2017 - 19:56

МЗТ Скопје е новиот-стар шампион на Македонија.

Во петтиот и драматичен меч од финалната серија на плеј-офот, популарните „металци" собраа сили, покажаа знаење, го потврдија својот квалитет, и со третиот триумф во серијата, стигнаа до целта – титулата.
Шеста за нив по ред во клупската историја.
Во натпреварот на кој му претходеа многу лоши работи...
МЗТ СКОПЈЕ – КАРПОШ СОКОЛИ 86:82 (22-20; 23-21; 19-21; 22-20)
По пет минути играње во „мајсторката", Карпош Соколи поведе за прв пат, 12:11. По третата тројка (од петтиот обид), гостите поведоа и со,15:11. За аларм кај Анте Назор да ја потроши првата минута, а Темс да стартува со поентирање. И да ја врати предноста на домашната страна, 16:15.
По тој „тајм-аут", МЗТ Скопје направи серија од (11-2), за 22:17. Но ја прекина, со нова тројка, Лабовиќ, за 22:20, на истекот на првата четвртина од последниот меч од сезоната.
Лалиќ беше преспор за Лабовиќ во оние дефанзивни движења, па Србинот казни уште еднаш, од истата позиција за мини пресврт, и ново водство на гостите од Карпош, 23:22. Третата последувателна тројка, сега од Мавра, значеше и серија од (9-0) и уште повисоки 26:22 за Карпош Соколи.
Шутот за три, беше „водилката" на „соколите" во овој меч „да се биде или не". По седмиот точен обид, а кога се играше 15. минута, беа во плус од 4. поени, 32:28.


Но прецизен од тоа место беше и Шарлон Клоф, по чиј десетти поен, МЗТ Скопје повторно водеше, со 35:32. Во тој дел од играта, „фактор икс" кај МЗТ Скопје беше Ѓуроски, кој освен добрата поставка до одбраната, стигна и да реализира за највисоките дотогаш, 37:32.
Клоф остана „немирен", и со својот 14. поен, го однесе својот тим до највисоките 41:35.
„Летечкиот Холанѓанец" беше на мета на стручниот штаб на К. Соколи. Бараа и Николиќ и Даскаловски многу посилна одбрана врз него во оние преостанати две минути до „големиот одмор". А проблем за нив двајцата беше и „невидливоста" на Кендрик Пери (утна дури четири слободни фрлања).
Делумно го поправи Соколов, кој ги постави оние (45:41), за екипата која ја брани титулата – МЗТ Скопје, чиј тренер влезе во нервозна фаза, па почна да ги крши оние пластични шишиња за вода.
Тоа „влијаеше" на неговите играчи кои брзо креираа водство од девет поени, 54:45, но уште побрзо дозволија да биде преполовено, на 58:54, по што хрватскиот стручњак одново влезе во една слична фаза. Проблем плус за него беше што „се отвори" Пери, по чиј деветти поен во четвртината, Карпош Соколи дојде и на минус 2, 56:58.


МЗТ сепак, најде „против-одговор", преку Ѓуроски и Дреновац, 62:56. Но чудесното издание на Американецот кај „соколи" продолжи, до израмнување, 62:62.
Го „корегираше" Темс, еден од најдобрите играчи на МЗТ Скопје, за 64:62, по три одиграни периоди од „мајсторката".
Првите поени во серијата на Кнежевиќ, ги вратија „карпошовци" во нова предност 67:64.
Излез од кризата за „металците" најде Мијатовиќ. Но тие пет минути од последната четвртина се претворија во игра „поен за поен".
Таа „рамна линија" ја пресекоа Соколов и Лабовиќ, за плус 4 за предизвикувачот 78:74 пред финалните 2:45 минути од финалниот меч.
Клоф одмори малку (поради четирите лични грешки), но кога се врати назад на теренот, се беше поинаку за МЗТ. Серијата од шест поени по ред, го врати водството во Аеродром, 80:78,
а за игра останаа 1:50 минути.


Пери одбрани, но Дреновац со неверојатна тројка го доближи МЗТ до шестиот трофеј, 83:80.
А потоа Трајковски полека почна да се претвора во трагичар. Прво не погоди тројка за нерешено. А на 28. секунди до крајот, на истекот на нападот, го фаулираше Клоф, и ја заработи петата лична грешка.
Остана мирен Клоф, а публиката во СЦ „Јане Сандански", веќе го прогласи за МВП. Јасно и поради што ако се знае дека тоа беше неговиот 29. поен во мечот во кој Македонија го доби новиот шампион.
Поточно оној стариот МЗТ Скопје.

 

Најново во Кошарка