РАБОТНИЧКИ ВЛЕЗЕ ВО ПОБЕДНИЧКИ РИТАМ

Шутерско шоу на Илиевски и Тасовски, Фени се стопи во „Градски парк“

Работнички полесно од очекувањата го совлада Фени Индустри со 84-69 во рамките на 5. коло во Суперлигата и врза две победи во низа. Владо Илиевски и Диме Тасовски беа нерешелива енигма за кавадарчани, заедно постигна 44 поени. 

објавено: 5 април 2017 - 19:35

Работнички полесно од очекувањата го совлада Фени Индустри со 84-69 (24-10, 16-26, 18-15, 26-18) во рамките на 5. коло во Суперлигата и врза две победи во низа. Владо Илиевски и Диме Тасовски беа нерешелива енигма за кавадарчани, заедно постигна 44 поени од кои девет тројки.  

Работнички силно го отвори натпреварот, со тројките на Тасовски, Мираковски и Чековски едноподруго поведе со 19-4 во седмата минута, а по првата четвртина имаше и предност од 24-10. Ваквата игра на избраниците на Марин Докузовски даваше најава за два нови лесно бода за скопскиот тим, но во продолжение темпото падна.

По тројката на Илиевски за 35-22 на 4:22 до крајот на првото полувреме, гостите со слободните на Чешковиќ намалија на 38-32, а потоа на одморот успеаја да заминат со негатива од 40-36.

Сепак Работнички успеа да собере сили, при 49-47 направи серија од 9-1 и на крајот на третата четвртина влезе со двоцифрени 58-48, а потоа и со 65-51. Домаќинот не застана тука, Илиевски и Тасовски влегоа во шутерска серија па на три и пол минути до крајот, тимот од „Градски парк" имаше највисоки 78-60.

Тука и беше крајот на натпреварот. Тасовски со 22 поени (4/8 за три поени) и Илиевски со 20 поени (5/6 за три поени) го предводеа Работнички. На другата страна Николовски имаше 20 поени.

Со оваа победа „црвено-белите“ се зацврстија на третото место на табелата, зад Карпош Соколи и МЗТ Скопје.

 

 

Најново во Кошарка