БЕКОТ НА МЗТ СКОПЈЕ ДОЈДЕ ДО ПРВАТА ТИТУЛА ВО КАРИЕРАТА

Симоновски на седмо небо: Феноменално било чувството да си шампион!

објавено: 2 јуни 2015 - 21:54

Марко Симоновски со години наназад е присутен на македонските кошаркарски терени и тоа како член на Работнички, Фени индустри и сега на МЗТ Скопје, но дури вечерва зад своето име може да го напише епитетот – шампион.

Немаше крај на неговата среќа на крајот од вечерашниот трет финален меч со Куманово, уште повеќе што го доби и признанието за МВП-игра на серијата, заедно со соиграчот Сеад Шеховиќ.

Ова беше тежок натпревар, дадовме максимум за да дојдеме до титулата, иако непотребно паднавме во второто полувреме, кога како да го потецивме противникот. Но, завршивме како треба и заслужено дојдовме до триумфот“, ни изјави Симоновски и продолжи:

Навистина е феноменално чувството да си шампион. Ова ми е прва титула и навистина немам зборови да опишам како ми е во овој момент“, дополни популарниот Марче.

Симоновски беше еден од носителите на играта на репрезентацијата на ланските квалификации и творец на големата победа над Белгија на домашен терен, поради што од него се очекуваат големи работи и на претстојното ЕП во Загреб.

Се надевам дека ќе продолжам во ист ритам и на Евробаскетот. Очекувам добри игри и добри резултати од ова првенство“, дополни бекот на МЗТ.

Најново во Кошарка