КРИЛНИОТ ЦЕНТАР ОСТАНУВА ВО МАКЕДОНИЈА

Сино-белите пазареа во „Градски парк“: Црногорецот Бијелиќ потпиша за Куманово!

Доскорешниот кошаркар на Работнички, Црногорецот Игор Бијелиќ, и следната сезона ќе настапува во македонското првенство, но во дресот на Куманово, откако денеска беше официјализиран неговиот трансфер во македонскиот претставник во новиот Еврокуп на ФИБА-Европа и тоа преку неговиот менаџер од агенцијата Беобаскет.

објавено: 7 август 2015 - 20:25

За Бијелиќ ова ќе биде трет македонски тим, со оглед на тоа што претходно го носеше и дресот на Фени индустри. Со овој ангажман, пак, кумановци само го потврдија епитетот на најактивен тим на пазарот летово, откако претходно го ангажираа Американецот Ентони Ли Инграм, а го обновија договорите со Урош Луковиќ, Вукашин Мандиќ, Марјан Јаневски и со Александар Костоски. Сино-белите изминатиов период ангажираа и нов тренер, повратникот Љубисав Луковиќ.

Куманово минатата сезона беше најпријатното изненадување во домашниот шампионат, во кој играа во големото плејоф-финале откако во полуфиналето го елиминираа фаворизираниот Работнички. Пред овој тим следната сезона е огромен предизвик и настап во европско натпреварување по пауза од повеќе од една деценија и тоа во група со силниот Турк Телеком како и со полска Роса Радом и фински КТП.

Најново во Кошарка