Убедлив стартот на шампионот во Суперлигата

СКОПЈЕ НЕ Е КАВАДАРЦИ: МЗТ го „растури“ Фени Индустри

МЗТ Скопје со убедлива победа ја започна одбраната на шампионската титула, откако на домашен терен го совлада Фени Индустри со 86-59 во последниот меч од првото коло во Суперлигата. 

објавено: 16 март 2017 - 19:21

МЗТ Скопје со убедлива победа ја започна одбраната на шампионската титула, откако на домашен терен го совлада Фени Индустри со 86-59 (21-15, 20-14, 20-11, 25-19 ) во последниот меч од првото коло во Суперлигата. Избраниците на Анте Назор не само што им се одмаздија на кавадарчани за болниот пораз во Купот на Македонија, испратија порака до останатите екипи, дека немаат намера да ја дадат шампионската титула. 

Тимот од Аеродром победата ја најави уште во втората четвртина кога поведе со 41-27, а потоа во следниот период набрзина дојде до високи 53-33. Ѓорѓе Дреновац со 22 поени беше најефикасен кај победникот, на другата страна Пантиќ имаше 13 поени.

МЗТ Скопје натпреварот го отвори со серија од 11-3. По еден ваков старт на домашниот тим, Љупчо Малинков беше принуден да повика тајм-аут, кој пак не вроди плод. Избраниците на Анте Назор со двата поени на Лалиќ го забележаа првото двоцифрено водство од 16-5. По првата четвртина резултатот беше 21-15 благодарение на Стајиќ кој беше единствениот раположен кошаркар.

Фени Индустри намали на 24-20, по што следеше нов налет на МЗТ Скопје. При позитива од 30-24, актуелниот шампион со серија од 11-4 (шест поени на Ѓорѓе Дреновац) поведе со највисоки 41-27 до овој дел од натпреварот.


„Штрковите" продолжија да доминираат по одморот, по само четири минути игра стигнаа на плус 20 (53-33), а на стартот на последниот период имаа позитива од 61-40. До крајот на МЗТ Скопје му остана полесниот дел, рутински да го приведе натпреварот.

Во второто коло од Суперлига ќе се сретнат: Кожув - МЗТ Скопје, Фени И. - Карпош Соколи, Работнички - Куманово.

Најново во Кошарка