ШАМПИОНОТ ОСТАНА БЕЗ ТРЕНЕР

Словенецот ги потврди најавите: Алеш Пипан повеќе не е тренер на МЗТ Скопје!

Словенечкиот стратег Алеш Пипан повеќе не е тренер на МЗТ Скопје, откако утринава официјално беше објавено дека со взаемна согласност ја прекинал соработката со екипата од „Јане Сандански".

објавено: 7 декември 2015 - 10:43

Промената доаѓа по неговата најава за поднесување оставка искажана на прес-конференцијата по синоќешниот пораз на домашен терен од Цедевита и тоа по водство со 12 поени разлика пред крајот на третиот период. Тоа беше шести неуспех во низа за аеродромци, што ја прели чашата и иницира смена на шефот на стручниот штаб.

„МЗТ Скопје Аеродром информира дека на взаемна согласност е прекината соработката со досегашниот тренер на тимот Алеш Пипан. Словенецот го предводеше македонскиот шампион до две титули државен првак, една титула во Купот на Македонија, а на почетокот од оваа сезона го освои и Супер Купот. МЗТ Скопје на Алеш Пипан му посакува многу успех во понатамошната тренерска кариера“, се вели во штурото соопштение објавено на интернет-страницата на „металците“.

Пипан во „Јане Сандански“ дојде пред крајот на минатата сезона, по што успеа да ја одбрани шампионската титула, но и да го загуби пехарот во Купот на Македонија. Тоа беше негов втор мандат на клупата на МЗТ Скопје. Најавите се дека кариерата ќе ја продолжи како тренер на словенечкиот прволигаш, Златорог Лашко.

Најново во Кошарка