ОЧЕКУВАН ЕПИЛОГ ПО НЕОДИГРАНИТЕ СРЕДБИ

Службени порази за Куманово, Кожув и Струмица

Поради одредената суспензија, и неодиграните мечеви од 10 коло, овие три клубови ги загубија мечевите со службен резултат, и не го добија бодот предвиден за поразената екипа.

објавено: 31 јануари 2017 - 16:21

Би се рекло и очекувано, комесарот за натпреварување Владо Цветковски ги одреди казните на клубовите кои не ги одиграа мечевите од десетото првенствено коло.

Па така, согласно член 39 од Правилникот за натпреварување и член 51 од Пропозициите за натпреварување, суспензијата за КК Струмица и КК Кожув е ВАЖЕЧКА т.е. натпреварот закажан за 29.01.2017 во Струмица помеѓу екипите на КК Струмица и КК Кожув не се одигра и се регистрира со службен резултат 20:0 против двете екипи, при што двете екипи не добиваат бод предвиден за пораз.
Сличен е и епилогот на неодиграниот натпревар во Куманово, каде требаше да гостува АВ Охрид.
„Согласно член 39 од Правилникот за натпреварување и член 51 од Пропозициите за натпреварување, суспензијата за КК Куманово 2009 е ВАЖЕЧКА т.е. натпреварот закажан за 28.01.2017 во Куманово помеѓу eкипите на КК Куманово 2009 и КК АВ Охрид не се одигра и се регистрира со службен резултат 20:0 во корист на КК АВ Охрид, а екипата на КК Куманово 2009 не добива бод предвиден за пораз".

Најново во Кошарка