ШАМПИОНСКО ЗАСИЛУВАЊЕ ЗА К. СОКОЛИ

„Соколите“ ангажираа бек-шутер од САД - специјалист за кошеви во последната секунда (ВИДЕО)

Американецот Мајкл Снер (25 год., 192 см.) е најновото засилување за кошаркарскиот прволигаш Карпош Соколи, играч кој, според управата, треба да биде таканаречениот „икс-факт" во обидот да се дојде до историската шампионска титула и тоа пред огромниот фаворит, МЗТ Скопје.

објавено: 15 јануари 2016 - 11:26

Станува збор за исклучителен кошаркар, чија природна позиција е бек-шутер, но кој лесно се снаоѓа и како плејмејкер, но и како ниско крило. Според медиумите од САД, станува збор за играч со огромно срце и храброст, чија главна специјалност е давање победнички кошеви во последните моменти од натпреварите. Зад него се најмалку пет такви ситуации во четирите години минати во НЦАА-лигата, што е речиси неверојатна бројка во ситуација кога многумина сонуваат барем еднаш да добијат можност да го решат победникот со шут со звукот на сирената.

Снер сезонава играше во помалите лиги во САД, а минатиот шампионат го почна во дресот на рускиот прволигаш Урал, каде што мораше да си замине пред крајот на предминатата година поради банкротот на овој тим. Европската кариера, пак, ја стартува во 2013 година и тоа како член на членот на италијанската лига, Бриндиси. На аматерско ниво во САД, тој прво играше за средното училиште „Ранчо Верде“ во Калифорнија, каде што во последната година имаше просек од 28,1 поен, 10,8 скока, 5,2 асистенции, 3,6 украдени топки и 2,2 блокади. Потоа мина четири години како член на Универзитетот Флорида стејт, каде што беше меѓу најдобрите во елитната АЦЦ-дивизија со просек од 14,8 поени и 4,5 скока во последната сезона од студирањето.

Снер се очекува задутре да пристигне во Скопје, а во понеделник да ги изврши задолжителните лекарски прегледи. Ако се биде во ред, неговото деби се очекува да се случи на големото дерби против МЗТ Скопје, закажано за следната среда во салата „Борис Трајковски“. Тој доаѓа на местото на сонародникот Глен Дендриџ, кој неодамна го напушти јатото на „соколите“.

Екипата од Карпош во моментов е второпласирана на прволигашката табела со учинок 10-2 односно со една победа помалку во однос на актуелниот шампион од „Јане Сандански“.

Игор Крстевски

Најново во Кошарка