БЕКОТ НА МЗТ СМЕТА ДЕКА ТРЕБА ДА БИДАТ ПОЦВРСТИ ВО ОДБРАНА

Соколов: Ќе се бориме до крај, нема друго

Ако не им дозволиме толку отворени шутеви за три поени, можеме да ги победиме во Градски парк, и серијата да ја вратиме во Аеродром, смета Соколов

објавено: 24 мај 2018 - 17:35

Огромно беше разочарувањето кај „металците“ после поразот од Работнички, разбирливо, некои од нив не беа расположени за давање изјави, а Дарко Соколов во име на тимот, рече дека ќе се борат додека постојат и најмали теоретски шанси за пресврт во серијата. Соколов смета дека немало фаул над Гинјард, и дека судиите погрешиле што му дале две слободни на Американецот, со кои Работнички синоќа дојде до победата.  

„Многу сме разочарани, се чувствуваме лошо. Испуштивме победа на крајот, имавме добиен натпревар, но една судиска одлука го одлучи победникот. Мислам дека немаше фаул над Гинјард, но тоа е. Ќе се бориме се додека постои шанса. Утре одиме во нивната сала со намера да победиме и серијата да ја вратиме во Аеродром“ - изјави Соколов, кој лани како член на Карпош соколи ја загуби финалната серија и повторно е во опасност да биде само вицепрвак.

Соколов вели дека она што МЗТ мора да го смени на наредниот меч е пристапот во одбраната.  

„Немаме друг избор, освен да се бориме до крај, и да се надеваме дека ќе си ги продолжиме шансите за титула. Веќе немаме право на грешка. Треба да го смениме пристапот во одбрана. Им дозволуваме многу отворени шутеви. Тие погодија многу тројки од чиста позиција. Ако бидеме поагресивни и успееме да им го запреме шутот, може да се надеваме на победа во Градски парк“ - вели Соколов.  

Најново во Кошарка