РЕПРЕЗЕНТАТИВНОТО КРИЛО Е „СЛОБОДЕН АГЕНТ"

Стојан Ѓуроски се "раздолжи" со Карпош Соколи: Ќе чекам странска понуда

„Немам веќе ништо со Карпош Соколи. Жал ми е што мораше да дојде до една ваква ситуација. Ја вратив опремата, моите мисли се на друго место, кон странство" - вели репрезентативното крило.

објавено: 4 декември 2017 - 20:00

Ниту Стојан Ѓуроски нема да биде во составот на Карпош Соколи кој за два дена ќе го има простувањето со европските настапи. Односно оној последен меч од 6. коло од ФИБА Европа купот, против унгарскиот Фалко Волкано, кој се игра во среда навечер во малата сала на СЦ „Јане Сандански".

Иако кај него постоеше желба да помогне до последен момент, се чини дека по онаа репрезентативна акција, високото крило „пресече" и дефинитивно.

„Немам веќе ништо со Карпош Соколи. Жал ми е што мораше да дојде до една ваква ситуација. Ја вратив опремата, моите мисли се на друго место, кон странство" - вели репрезентативното крило.

Засега е јасно дека Ѓуроски нема да остане во нашиот шампионат. Барем такви се неговите наредни планови.

„Во овој момент гледам само напред, каде ќе играм понатаму во оваа сезона, ќе видиме. И самите гледате како се одвиваат работите во нашата кошарка. Ќе бараме решение според кое би продолжил во некој клуб надвор од Македонија, опции постојат, ќе видиме која ќе биде најдобра" - дополнува Ѓуроски.

Најново во Кошарка