КАПИТЕНОТ НЕ МОЖЕ ДА ЗАБОРАВИ, НО ОЧЕКУВА ПОДОБРА СЕЗОНА

Стојановски: Сѐ уште ми е тешко за титулата и за АБА-лига

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Дамјан Стојановски, денеска и официјално го стави потписот на договорот со МЗТ Скопје.

објавено: 9 јули 2018 - 13:58

Македонскиот крепрезентативец, Дамјан Стојановски, денеска и официјално го стави потписот на договорот со МЗТ Скопје. Капитенот на вицепрвакот признава дека се уште му е тешко што неговиот тим не ја одбрани титулата и што испадна од АБА-лигата.

„МЗТ Скопје е мојот клуб, веќе не ни паметам дека имам играно во друга средина и навистина не беше тешко да се одлучам да останам во него уште две сезони. Имав понуди од странство, но иако беа примамливи, сепак, не беа до таа мера поатрактивни и побогати за да ме натераат да си заминам во Аеродром. Сѐ уште ми е тешко што во минатиот шампионат не одигравме на потребното ниво и не ги остваривме очекувањата на навивачите како во АБА така и во македонското првенство. Токму таа желба да дадам сѐ од себе да се подобри впечатокот и да се покаже дека тоа што се случи во изминативе месеци не беше реална слика на МЗТ Скопје беше клучна што останувам и понатаму во сино-белиот табор", изјави Стојановски за официјалниот сајт на вицепрвакот.

Дамјан е сигурен дека во новата сезона ќе вратат на самиот врв и дека борбеноста и големата желба за успех ќе биде главна одлика на тимот.

„Без пожртвуваност нема ништо и сигурен сум дека во новото првенство ќе влеземе со тим кој ќе може да го врати клубот она каде што припаѓа, а тоа е во самиот врв на македонската кошарка, но и во елитата во јадранската конкуренција. Ќе биде тешко и напорно, но јас сум подготвен за предизвикот, а верувам истото ќе го мислат и сите останати кои ќе се најдат во ростерот на Кочов. Мора да ја градиме добрата атмосфера уште од самиот почеток, бидејќи без тоа нема да може да дојдеме до посакуваната цел", дополнува бекот на МЗТ Скопје.

Најново во Кошарка