СООПШТЕНИЕ НА ТЕТОВЦИ

Т-баскет: Не се откажуваме, кога-тогаш ќе донесеме прволигашка кошарка во Тетово!

објавено: 24 јули 2015 - 15:21

Кошаркарите на Т-Баскет втора година по ред доаѓаат до изворот, ама остануваат жедни. Така описно може да се опише ситуацијата на тетовскиот кошаркарски тим, кој деновиве официјално се откажа од настапот во Првата лига иако претходно доминираа во понискиот ранг. Причина за тоа е немањето спортски објект во Тетово кој одговара на прволигашките стандарди.

Во продолжение во целост ви го пренесувам соопштението на управата на клубот.

Управата на нашиот тим ве известува дека нашата екипа нема да настапува во Првата кошаркарска лига во претстојната сезона, иако веќе втора година по ред го обезбедуваме прволигашкиот статус, преку првото место во Втората лига. Причината е како и минатата година немањето на спортска сала која ги исполнува условите за натпреварување во Тетово. Се обидовме да добиеме согласност од другите прволигашки клубови да играме во спортската сала во која се натпреварувавме во Купот на Македонија во прволигашка конкуренција, а која има еден недостаток, под од линолеум наместо од паркет, но немаше слух за истото.

Агенцијата за млади и спорт во Тетово има изградено неколку спортски сали, но ниту една не ги исполнува условите за натпреварување, истите се градат без да се задоволат потребите на спортските клубови. Изразуваме жалење што Тетово како високо развиен град, не може да има свој прволигашки претставник. Т-Баскет продолжува и понатаму, се надеваме на подобри времиња кога сите фактори ќе го вреднуваат спортот онака како што заслужува. Покажавме дека со многу работа и труд, за пет години колку што постои клубот успеавме да наполниме спортски сали во Тетово, два пати изборивме влез во Првата лига, имавме успешни настапи во Купот.

Младите не се откажуваат, ќе донесат Прва лига во Тетово!“, се вели во соопштението на тетовци.

Најново во Кошарка