ОТКАКО КОМЕСАРОТ ИМ ЈА ОДБИ ЖАЛБАТА

Тешки времиња за гевгеличани: Кожув остана без главниот финансиер – Главчев си поднесе оставка!

Кошаркарскиот прволигаш Кожув се соочува со тешки времиња, откако денеска еден од главните финансиери на клубот, Томица Главчев, поднесе оставка на функцијата претседател, револтиран од одлуката на комесарот Тони Угринов за одбивање на нивната жалба на судењето на неодамнешниот меч против Карпош Соколи, кој заврши со победа на противникот.

објавено: 23 декември 2015 - 13:55

Сопственикот на компанијата „Ноел“, кој со своето финансирање го издигна клубот кон височините во македонската, но и балканската кошарка, реши да не ја прифати неправдата, барем според своите видувања, и реши да си замине од функцијата која сосема успешно ја извршуваше. Тимот од Гевгелија се жалеше на нееднаквиот критериум на судиската тројка на средбата против „соколите“, пред сѐ во клучните моменти кога ривалот ја оствари клучната предност.

Главчев сакаше да се повлече и пре почетокот на сезоната, но, сепак, реши да остане дел од успешната приказна која самиот ја почна, со желба Кожув и во иднина да биде конкурентен тим кој ќе се бори за највисок пласман. Но, за жал, неприфаќањето на забелешките на клубот како да ја прелија чашата по што тој реши да си замине.

Сега, останува да се види дали неговата оставка ќе промени нешто во начинот на функционирање на клубот и пред сѐ во играчкиот состав, кој по доаѓањето на Стратос Кукулекидис на клупата почна да игра далеку подобро во Првата лига.

Во исто време, управата на Кожув испрати и соопштение до јавноста, кое ви го пренесуваме во целост.

Почитувани љубители на кошарката, денеска медиумите објавија информација дека „ЖАЛБАТА“ поднесена од КК Кожув од Гевгелија, во врска со лошото судење од страна на судиската тројка Митровски, Феревси и Мицевски, е ОДБИЕНА.

Ние како клуб ќе го искористиме и наредниот правен лек – односно ќе ја продолжиме таа жалбена постапка. Но за да не бидеме погрешно сфатени, дека имаме нешто против КК Карпош Соколи, би сакале ним да им ја честитаме победата, и да ги потсетиме дека во едно не така минато време имавме доста слични размислувања во однос на начините на кои СУДИИТЕ треба да ја делат судиската правда на терените. За да малку да го освежиме сеќавањето, денес и покрај тоа што навистина немавме намера, а и самиот факт зборува во прилог на тоа – навистина не поднесовме жалба на натпреварот од деветтото коло помеѓу Фени и Кожув. Не поднесовме, но во разговори со челниците на нашата федерација дојдовме до заклучок дека се работи за СЛУЧАЈНОСТ без намера. Очигледно СЛУЧАЈНОСТА ПРОДОЛЖУВА и се „согледува“ на разни начини.

Можеби ова ќе биде мал потстрек за намерата на Комесарот да се формира комисија која ќе го испита судењето на некои судии!!! Поради овие причини сега ќе ви презентираме некои спорни моменти од тој натпревар. Ако случајно не ја препознаете судиската тројка, мало потсетување, двајца од актерите се Митровски и Феревски.

Почитувани пријатели, за жал мора да ве информираме дека еден од НАШИТЕ спонзори, изреволтиран од ваквиот однос на СУДИСКАТА организација, како и односот на некои високи членови на нашата КОШАРКАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА, најавија повлекување, односно замрзнување на средствата кои тие ги вложуваат во КК Кожув од Гевгелија.

Ова за „НЕКОИ“, и не би требало да биде така трогатално разбрано, со оглед дека не сме изолиран случај“, се вели во соопштението.

Најново во Кошарка