ПО ВЧЕРАШНИОТ ПОРАЗ ОД РАБОТНИЧКИ

Тодоров си заминува, МЗТ во потрага по нов тренер

Александар Тодоров најверојатно нема да биде на клупата на македонскиот шампион на дуелот против Морнар во рамките на АБА-лигата. 

објавено: 7 декември 2017 - 08:00

По вчерашниот пораз од Работнички стана јасно дека МЗТ Скопје дефинитивно ќе мора да менува нешто, но овој пат во стручниот штаб. „Спортмедиа“ дознава дека Александар Тодоров нема да го води македонскиот шампион на дуелот против Морнар во рамките на АБА-лигата. Предводникот на тимот од Аеродром од челниците на клубот најавил дека си заминува и дека ќе мора да бараат нов тренер.

Под водство на Тодоров, МЗТ Скопје оваа сезона во домашното првенство запиша три пораз (Фени Индустри, Блокотехна и Работнички) и пет победи, скор кој го смести на третото место на табелата. Што се однесува до АБА-лигата, македонскиот шампион и тука има очајни резултати. По десет одиграни кола има две победи и осум порази и се наоѓа на дното во јадранското натпреварување.

Слабите игри во изминатиот дел од сезоната, Тодоров одлучи да ги поправи со промени во ростерот, но ниту тоа не помогна. И покрај тоа што МЗТ Скопје располага со добар арсенал на кошаркари, сепак на вчерашното дерби тоа не беше доволно, на теренот тимот делуваше изгубено, без идеја и најважно тимската игра беше нешто што не ги красеше „сино-белите“.

„Ја превземам одговорноста бидејќи со ваков пристап со ваква игра не се може. Не можам сам да решам, но имавме повеќе кредити и ги потрошивме“, беше изјавата на Тодоров по поразот од Работнички.

Во текот денешниот ден се очекува и официјална потврда од МЗТ Скопје за тренерската смена. Со оглед дека времето до дуелот со Морнар е кратко, новиот предводник најверојатно ќе стартува нешто подоцна. 

Најново во Кошарка