РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ СИ НАЈДЕ КЛУБ

Толку од „љубовта“ со Работнички: Трајковски се сели во Грција - ќе игра за Аполон Патра!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Бојан Трајковски, по само една одиграна средба ја прекина соработката со Работнички и реши кариерата да ја продолжи во соседна Грција и тоа во прволигашот Аполон Патра. Оваа вест денеска официјално ја потврди специјализираниот за кошарка интернет сајт „Евробаскет".

објавено: 13 октомври 2015 - 12:45

Трајковски минатата сезона настапуваше за косовскиот тим Сигал Приштина, а претходно беше дел од полскиот прволигаш Енерга Чарни. Крилниот центар во Македонија има настапувано уште и за Фени индустри, Торус и за Лирија. Изминативе две години беше еден од лидерите на националниот тим и тоа прво на ланските квалификации, а потоа и на Европското првенство (ЕП) во групата во Загреб.

Репрезентативецот имаше отворен договор со Работнички, каде што постигна 12 поени и пет скока во неодамнешниот пораз на гостувањето против Кожув. Во Патра ќе се обиде да даде свој придонес во обидот за обезбедување опстанок во грчката кошаркарска елита.

Најново во Кошарка