ПО ШЕСТ ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ

Толку од НБА-засилувањето: Кожув ја прекина соработката со Ратко Варда!

Македонскиот кошаркарски колектив Кожув објави дека ја прекинува соработката со искусниот кошаркар Ратко Варда.

објавено: 4 ноември 2015 - 18:06

Центарот кој е висок 213 сантриметри и е кошаркар со НБА-искуство во Гевгелија пристигна пред еден месец и настапи за Кожув на неколку средби во БИБЛ-лигата и македонскиот шампионат, но и покрај тоа не ги импресионира челниците на клубот кои решија да ја прекинат соработката.

„Денес беше спогодбено прекината соработката со Ратко Варда. Му посакуваме успех во понатамошната кариера“, велат од таборот на КК Кожув.

Во дресот на гевгеличани Варда одигра вкупно шест средби - две во БИБЛ-лигата и четири во македонското првенство. На двата меча во БИБЛ против Морнар и Сигал Приштина корпулентниот Србин постигна вкупно 29 поени, додека во мак-шампионатот тој најмногу се истакна во првото коло против Работнички, дуел на кој постигна 22 поени. На останатите средби против Фени индустри, МЗТ Скопје и Карпош соколи, Варда постигна вкупно 30 поени (15 против Фени, 13 против МЗТ, 2 против Соколи).

Тимот на Кожув по четири одиграни кола има само една победа против Работнички и се наоѓа на шестото место на табелата со ист скор како и седмопласираната Струмица. Избраниците на Боби Митев во наредното коло гостуваат кај дебитантот во лигата, Бест.

Најново во Кошарка