ПРОМЕНИ КАЈ ЦЕНТАРЦИ

По заминувањето на Трајковски: Ѓорѓи Чековски најмалку еден месец во дресот на Работнички!

Актуелниот кошаркарски репрезентативец, Бојан Трајковски, повеќе не е член на екипата на Работнички, откако на сопствена иницијатива добил исписници од управата на 14-кратниот шампион со која имаше отворен договор, а неговото место, барем привремено, ќе биде пополнето со доскорешниот член на националниот тим – Ѓорѓи Чековски.

објавено: 29 ноември 2015 - 14:21

Популарниот Станко доцна во петокот постигнал договор со челниците на центарци за отворен едномесечен договор, по што двете страни повторно ќе седнат на маса за да ги договорат деталите за негово евентуално доигрување на сезоната. Предводниците на Работнички очекуваат подобрување на финансиската ситуација со почетокот на следната година, откако ќе биде усвоен новиот буџет на општина Центар, главниот спонзор на клубот, по што ќе се знае дали Чековски ќе остане во „Градски парк“ или, пак, кариерата ќе ја продолжи во друга средина.

Трајковски, пак, не успеа да постигне сличен договор со црвено-белите, поради што веќе неколку дена не е присутен на тренинзите предводени од Марин Докузовски. За неговите услуги се заинтересирани неколку странски екипи, пред сѐ Сигал Приштина во која до неодамна настапуваше Чековски, но и МЗТ Скопје и пред сѐ Куманово, кои сега бараат ново звучно име откако не успеаја да дојдат до ветеранот за кого беа сериозно заинтересирани.

Последните информации од таборот на центарци велат дека постојат големи шанси популарниот Станко своето трето деби во дресот на Работнички да го има веќе утре, на средбата против Кожув (19 часот). Тоа пред сѐ зависи од сертификатот од Косово, кој веќе е побаран, но кој до вчера попладне не беше пристигнат во просториите на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

И.К.

Најново во Кошарка