ЗОШТО Е ТОА ТАКА?

ВО ФИБА мора, во МКФ не мора!

Кога станува збор за организација на еден натпревар, правилниците се јасни.
Сепак европскиот е облигаторен за сите, оној домашниот и не баш, каков што е примерот токму со КК Работнички.

објавено: 18 март 2018 - 15:30

Одамна е јасно дека Европа е едно, а она што се случува во нашата кошарка, пред се клупска, сосема друго.

Но и тука имаме „кошаркарска конекција" нели. Барем оваа сезона која е во тек, сите оние европски натпревари, вклчупително и оние на КК Работнички, беа реализирани.
Би се рекло и беспрекорно. За жал, „црвено-белите" од „Градски парк" не беа доволно квалитетни да се носат рамноправно со екипа од типот на руската Парма, па рано беа елиминирани во ФИБА Еврокупот.
Но не треба да се заборави и тоа дека тој еден, единствен европски меч Работнички не го играше во „храмот на кошарката", во салата во „Градски парк", туку според оние многу построги критериуми бараше и најде „чаре" тоа да биде ВИП Арената „Борис Трајковски".
Или што по нашки се вика: „кога се сака, се може, нели?"

Но, се поставува уште едно прашање, ако веќе ФИБА не го признава она што се вика сала во „Градски парк", како може истата да биде признаена од Македонската кошаркарска федерација, односно од одговорниот за регуларноста на лигите – комесарот за натпреварување?
Иако и самиот е дел од ФИБА, нејзин делегат, поточно, требаше да го има в предвид и овој момент, кој за жал се случи.
По чија вина, подоцна (би требало) да видиме...
Но факт е дека кога веќе салата „Градски парк" добила лиценца за одигрување на натпреварите, тогаш тоа, таква одлука мора и „машки да се издржи"
Вака излегува дека е најдобро сите натпревари, каде што се собра публика, и тоа во пристоен број, дури и над сите очекувања, и се случи некој неред, веднаш да бидат прекинувани, и ако треба да се завршат ден подоцна, со сите оние последици кои со себе ги носи прекинот.
Вината е и кај домаќинот-организаторот, тоа е дефинитивно јасно.
Не може Работнички да игра европски натпревари во европски услови (ВИП Арената „Борис Трајковски"), а дома да се „шверцува" во „Градски парк". Но, несакајќи да навлегуваме во позадината на проблемот (дали можат да си го дозволат играњето во друг објект или не), јасно е дека најтрофејниот клуб и не е во ситуација да бара и да добие нешто подобро од она што го има на располагање.
Се држи, како тоа дека „Градски парк" е домот на Работнички. Но прашање е до кога и под кои услови може да се констатира таква работа.
Оваа работа која се случи синоќа е добра опмена, дека така повеќе не може.
Дека се додека импровизираме, ќе треба да се соочуваме и со вакви, непосакувани ситуации.
Затоа ќе бидеме и останеме сведоци на сменетиот „лик" на опремата на судиите, на дел од публиката.
И кој и дали ќе може да го испере тој срам испратен во етерот?
И да, кој ќе се радува вечерва на триумфот, зарем е тоа најважното на светот?
Не треба да се заборави дека овој натпревар немаше ама баш никакво резултатско значење, секако во однос на некои претходни, и се надеваме идни.
Работнички е бројот 1, барем во првиот дел, предалеку за МЗТ Скопје, кој е трет, и така натака... Помалку битно во однос на она што ни се случи на дербито.
И да не се заборави, допрва следуваат оние поважните, а сигурно ќе ги има доста, според проценките, можни се дури и осум до крајот на сезоната.
Затоа внимание!
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка