Македонскиот тим во нов обид за прва европска радост

Вратите на „Јане Сандански“ отворени за подобри денови за МЗТ Скопје

Македонскиот шампион денеска го игра последниот дуел на домашен терен во Еврокупот. Во Скопје гостува рускиот тим на Нижни Новгород.

објавено: 7 декември 2016 - 10:42

МЗТ Скопје вечерва (19 часот) на домашен терен го пречекува Нижни Новгород во последниот меч на домашен терен од Еврокупот. По победата над Будуќност во АБА-лигата, од таборот на македонскиот шампион одлучија влезот за дуелот со рускиот тим да биде бесплатен, како дополнителен мотив за навивачите да дојдат во што поголем број и да им помогнат на избраниците на Анте Назор да ја остварат првата победа во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Кошаркарите на македонскиот шампион во последниот меч од јадранското натпреварување се покажаа во едно поинакво светло, кое дава надеж дека „сино-белите“ во продолжение ќе успеат да се изборат за многу подобро место во АБА-лигата, но и да се израдуваат во Еврокупот.

„На овој натпревар мора да го искористиме за поправање на грешките од последните неколку меча, особено во делот на одбраната. Наша главна цел е да научиме како играме против „пик-ен-ролот" на противничката екипа и транзицијата. Исто така мора да воспоставиме рамнотежа меѓу вантрешните и надворешните играли. Против Нижни Новгород планирам да ја проширам ротацијата и да воведам некои нови работи кои ќе ни бидат од корист во следните мечеви", вели тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор.

И на оваа средба повторно ќе го нема најдобриот стрелец, Ксавиер Темс, кој доби дозвола за продолжен престој во САД поради трагедија во семејството, додека под голем знак прашалник е настапот на Стефан Синовец и Ѓорѓе Дреновац. Првиот има стомачен вирус, а вториот повреда на скошниот зглоб.

Рускиот тим е еден од оние тимови, против кои МЗТ Скопје беше близу до победата. На гостувањето македонскиот тим беше поразен по дополнителните пет минути, што пак влева надеж дека во СЦ „Јане Сандански" може да ја забележи првата европска победа.

 

Најново во Кошарка