„Проработе“ и Регистрациската комисија на МКФ

Втората лига со десет клуба, третата со осум!

По подолго време на чекање, МКФ го објави и вториот билтен на Регистрациската комисија.

објавено: 22 октомври 2016 - 17:00

Тргнаа ли на подобро работите во Македонската кошаркарска федерација?
И тоа во оној дел посветен на обезбедување на „техничките детали" односно регистрација на играчите кои ќе бидат дел од сезоната 2016/2017.
Веројатно е и така ако се земе в предвид дека по подолго време, МКФ го објави и вториот билтен на Регистрациската комисија.
Веројанто и не по нивна вина, затоа што извесно време беа „тргнати на страна" по оние случувања, односно „војната" на релација МКФ-Здружение на прволигаши, и практично останаа „без работа" во изминатиот период.
Но како и да е, првата „контрола" од страна на оваа комисија, откри доста пропусти во работата на клубовите. Исклучок прави КК МЗТ Скопје Аеродром, или единствениот кој во целост ги комплетирал сите „хартии" потребни за регистрација на играчите за претстојната сезона во нашата Прва лига, иако нели, друго е прашањето кога ќе почне.


Она што исто така е дефинирано е дека Втората лига-мажи ќе брои десет клубови учесници.
„Регистрациска" утврдила дека пријави за настап во оваа конкуренција испратиле:
Ангели-Скопје, Карпош Соколи-Скопје, Гостивар 2015 - Гостивар, Тетекс-Тетово, Водњански лисици - Скопје, Академија ФМП - Скопје, Црн Дрим - Струга, Шкупи - Скопје, Феникс 2010 - Скопје и Радовиш.
Два претставници помалку има пријавено за играње во Третата лига-мажи. Односно екипите на: Борец Еуробрик - Велес, МЗТ Скопје Аеродром - Скопје, Бал фор лајф - Куманово, Крива Паланка, Марфил - Прилеп, Кичево, Овче Поле - Свети Николе и Дино Баскет - Кочани.
Сениорската Прва лига во женска конкуренција ќе биде формирана со девет клубови-учесници, затоа што во последен момент екипата на ЖКК Пелистер се откажала од настап. Па затоа, за што е можно подобар пласман и титулата која ќе ја брани Бадел 1862 ќе се натпреваруваат уште и: Студент 2015 - Скопје, Пелистер АД - Битола, Шкупи - Скопје, Клубски Патриот - Делчево, Струга 2009 - Струга, Вардар - Скопје, МНА Кожувчанка - Кавадарци, Трокал - Кавадарци.
Инаку, конечните листи на одобрени играчи за сениорските лиги, потпишани и заверени од страна на Регистрациската комисија на МКФ, ќе бидат издадени најдоцна 48 часа пред започнување на соодветната лига. Клубовите имаат обврска да пријавуваат или вршат измена на играчи со комплетна документација, најдоцна 24 часа пред почеток на било кој натпревар до почеток на вториот дел на првенството.

Најново во Кошарка