КОИ СЕ ОПЦИИТЕ ЗА „ДОМАЌИНСТВО“ НА РАБОТНИЧКИ ВО ИДНИНА?

Затворање на „Градски парк“, забрана за гостински навивачи, засилени казни и претреси?

Не е ниту прв, веројатно ниту последен пат да се прекине меч на Работнички и МЗТ. Решение мора да се најде. Тоа решение ќе биде болно за многумина, но мерки мора да се преземат за да не дојде до посериозни инциденти. Допрва претстои борбата за титулата. Ако се прекинуваат мечеви од првата фаза, што ли ќе биде во суперлигата и особено во плејофот?

објавено: 19 март 2018 - 13:00

Не е ниту прв, веројатно ниту последен пат да се прекине меч на Работнички и МЗТ. Решение мора да се најде. Тоа решение ќе биде болно за многумина, но мерки мора да се преземат за да не дојде до посериозни инциденти. Допрва претстои борбата за титулата. Ако се прекинуваат мечеви од првата фаза, што ли ќе биде во Суперлигата и особено во плејофот?

Сега сигурно е дека ќе има парични казни и суспензија за теренот, ова наскоро ќе се заборави, а веќе следниот месец почнуваат побитни битки кога притисокот ќе биде поголем и може да се повторат овие слики кои го уништуваат и онака разнишаниот имиџ на македонската кошарка.

Кои се опциите кои би биле реални за изведување на домаќинство на Работнички во „Градски парк“ во наредниот период?

Има неколку, навистина не баш толку популарни опции како да се спречат инциденти од ваков тип, но од некаде мора да се тргне...
Едната е затворање на салата „Градски парк". И во минатото имаше слични обиди за вакво нешто, но сè се сведе само поставување мрежа „против плукање" под трибината кај семафорот. И тоа не е трајно решение. Факт е дека во овој објект нема идеални услови за одигрување на вакви мечеви, особено кога на трибините се присутни две навивачки групи. Тоа е салата каде што во последните години најчесто се прекинуваат мечеви или се одигруваат без публика.
Друга мерка би можела да биде забрана на присуство на гостински фанови. „Сити парк бојс" и „Фемили" одамна се немаа видено, и како да сакаа да надоместат за испуштеното, па и со подмладени состави се надвикуваа и се натпреваруваа кој ќе предизвика подолг прекин. Ако нема гостински навивачи, сигурно ќе биде помирно, иако искуството покажува дека и тоа не е гаранција дека мечот ќе се доигра како што треба.
Можеби најбезболна варијанта е да се продолжи со играње во „Градски парк", под услов да се засили редарската служба, претресот при влез во сала да биде подетален, и казните за нарушување на јавниот ред и мир да бидат поригорозни и да се применат веднаш. Не е познато како стаклено шише дојде до рацете на навивачите.

Токму фрлањето на тоа шише со кое може да се нанесе тешка повреда на некој играч, судија или тренер, е една од причините за прекинот. Пропуст е и влетувањето во терен на еден навивач. И на организаторот, во случајов КК Работнички, не му одговара да плаќа и да биде единствениот виновник за инциденти кои се плод меѓу другото, и на потфрлањето на редарите.

Најново во Кошарка