ИЗЈАВА „МЕЃУ РЕДОВИ“ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР

Жерновски загадочен: Работнички наскоро ќе добие нов модерен дом!?

По седумдецениско постоење и 46-годишно играње во салата во „Градски парк", која одамна не ги исполнува ниту најминималните критериуми на модерниот спорт и која е изградена далечната 1970 година од привремен карактер за потребите на Светското првенство чија завршница беше во Љубљана, кошаркарскиот гигант наскоро ќе добие – нов модерен дом.

објавено: 7 април 2016 - 13:38

Ова е заклучок кој би можел да се извлече од релативно загадочната изјава на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, дадена на денешната прес-конференција на 14-кратниот шампион на која присуствуваше како претставник на спонзорот на гигантот од „Градски парк“.

„Ако добро го погледнете предлогот за новиот урбанистички план за Градскиот парк ги сфатите нашите размислувања на оваа тема. Засега не би сакал да ја отворам оваа тема, но тоа сигурно ќе го сторам наскоро. Факт е дека Работнички заслужува нова модерна сала и верувам дека во догледно време ќе успееме во тоа. За деталите за ова, сепак, дополнително ќе бидете известени“, изјави првиот центарец.

Лаичкиот поглед врз нацрт-верзијата Деталниот урбанистички план (ДУП) за овој дел на општината за периодот од 2014 до 2019 година дава до знаење дека е предвиден простор за модерна сала со можност за градење на приземје плус два ката. Според предвиденото, во овој објект би можело да има објекти за комерцијални и деловни намени (продавници), големи трговци единици (маркети), големи угостителски единици (ресторани), хотелски комплекси (хотел) како и објекти за здравствена и социјална заштита, културни и општествени институции. Максималната вкупна застапеност на овие објекти може да биде 40-отсто додека останатиот простор мора да има спортска намена.

Размислувањата за изградба на модерна сала на местото на сегашниот привремен објект во кој играат кошаркарите не се нови, а на Жерновски е да успее во тоа во што потфрлија неколку негови претходници, кои беа во улога на лидери во таборот на 14-кратниот шампион. Седумдецениската историја, многуте големи имиња, титулите и армијата навивачи на Работнички дефинитивно го заслужуваат тоа.

И.К.

Најново во Кошарка