ГЕВГЕЛИЧАНИ НЕ СЕ МИРАТ СО НЕПРАВДИТЕ

Каде е МКФ, и дали кошарката се игра за еден-два клуба и хонорари?

„Дали можеби некој сакаше да иницира инцидент на овој натпревар, или прекин на натпреварот, по што во тој случај КК Кожув ќе беше дисквалификуван и пренесен во понизок ранг?“- прашува раководството на Кожув.

објавено: 20 март 2017 - 14:30

КК Кожув од Гевгелија не се мири со ситуациите кои се случувале за време на последниот првенствен натпревар, оној со екипата на МЗТ Скопје одигран овој викенд во рамките на второто коло од Суперлигата, во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија.

Гевгеличани им ја честитаат победата на гостите од Скопје. Но изнесуваат многу обвиненија, и тоа на неколку адреси. Како на онаа гостинската, така и кон актуелното раководство на федерацијата.

„Во прекрасен амбиент и преполна спортска сала, наместо да биде празник на кошарката ,на натпреварот помеѓу КК Кожув и МЗТ Скопје македонската кошарка го достигна своето дно.
Кога веќе Карпош Соколи и МЗТ Скопје отскокнуваат со квалитет и меѓусебно ќе го решаваат прашањето кој ќе биде новиот шампион, зошто во Гевгелија МЗТ Скопје МОРАШЕ да го добие натпреварот?

Раководството на Кожув смета дека наместо голем, МЗТ Скопје покажал карактеристики на мал клуб. А нивните реакции воопшто не биле санкционирани од страна на официјалните лица на натпреварот, кои се „посебна приказна“, како што тврдат од клубот од крајниот Југ на земјата.  

„Зошто беше дозволена агресивна одбрана без граници врз нашиот најдобар играч Мек Нил врз кого не беа досудени најмалку 10 лични грешки ???

На овој натпревар НЕМАШЕ СУДЕЊЕ. Едноставно и КК Кожув и гевгелиската публика беа потценети од страната на судиската тројка предводена од галантниот Мицевски, кој цел натпревар погледот не го тргна од семафорот да не отиде резултатот во погрешен правец...
Дали можеби некој сакаше да иницира инцидент на овој натпревар, или прекин на натпреварот (во тој случај КК Кожув ќе беше дисквалификуван и пренесен во понизок ранг) ???
КК Кожув ги исполни амбициите зацртани на почетокот на сезоната. Но се прашуваме што со СПОНЗОРИТЕ и ПУБЛИКАТА кои беа сведоци на овој срам на кошарката?“’

Гевгеличани поставуваат и некои други прашања на кои барем засега, не добиле одговори од оние кои ја водат федерацијата: 

Која е улогата на Македонската кошаркарска федерација и дали кошарката во Р.Македонија се игра за еден-два клуба и хонорари за службените лица???

РАЗБУДЕТЕ СЕ, и така македонската кошарка е навлезена во огромна криза...

РАЗБУДЕТЕ СЕ да не доживее вистински колапс...

На крајот сакаме да се заблагодариме на играчите на КК Кожув и на нашата прекрасна публика и навивачи кои не подлегнаа на провокациите на судиите и гостинската клупа и уште еднаш покажаа како се сака клубот.
КК Кожув и покрај овие случувања спортски ќе ги доигра останатите натпревари како што му доликува на голем клуб, затоа што ние не сме МЗТ Скопје,без разлика на тоа дали играме во Прва, Втора или Трета лига“- стои во реакцијата на КК Кожув-Гевгелија.

 

Најново во Кошарка