НЕВЕРОЈАТНО НЕИЗВЕСНО БЕШЕ ПРВИОТ МЕЧ ОД ФИНАЛЕТО ВО НБА

Драмата по продолжение за радост на Голден Стејт (Видео)

Леброн Џејмс постигна нов плеј-оф рекорд по број на поени во кариерата, но „воините“ ја добија битката

објавено: 1 јуни 2018 - 08:02

Неверојатна драма со среќен крај за Голден Стејт понуди првиот меч од финалната серија во НБА лигата. Четврта сезона по ред во финалето играат „воините“ против Кливленд. Актуелниот првак ја има предноста на домашен терен и по првиот дуел, успеа да ја искористи. 

Голден Стејт победи со 124:114, но дури по петминутно продолжение. Во регуларните 48 минути резултатот беше нерешен 107:107. Гостите се тие кои може да жалат што не се радуваа, бидејќи имаа напад за победа. Откако Стеф Кари погоди за 107:106, Кливленд имаше можност за победа, бидејќи на 4,7 секунди до крајот беше фаулиран Џорџ Хил. Играчот кој со преку 80 отсто ги изведува слободните фрлања, го погоди првото, но промаши во шутот за победа и мечот замина во продолженија. 

Во дополнителните 5 минути, Голден Стејт ја искористи психолошката предност и тој период го доби со 17:7, за на крајот да победи и со двоцифрена предност. 

Леброн Џејмс беше прва ѕвезда на мечот. Најдобриот играч на Кливленд мечот го заврши со 51 поени, што е негов личен рекорд во натпреварите од плеј-офот. Кај гостите расположен беше и Кевин Лов со 21 поени. 

Во победничкиот тим, очекувано, триото Кари (29 поени), Дурант (26) и Томпсон (24), беа предводници на актуелниот бранител на тронот во НБА лигата. 

Најново во Кошарка