„ВОИНИТЕ“ ВЕЌЕ ВОДАТ СО 3:0 ВО ФИНАЛЕТО ПРОТИВ КЛИВЛЕНД

Дурант се претвори во Леброн и сам донесе триумф на Голден Стејт (Видео)

Актуелниот првак победи со 110:102 во меч на кој Кевин Дурант одигра симултанка и со 43 поени го предводеше неговиот тим до нов триумф

објавено: 7 јуни 2018 - 08:00

Голден Стејт е на еден чекор од одбрана на титулата во НБА лигата, отако поведе со 3:0 во победи против Кливленд во големото финале. „Воините“ утрово славеа со 110:102 на гостински терен и тоа најмногу благодарение на одличната игра на Кевин Дурант. 

Ѕвездата на Голден Стејт одигра речиси симултанка, како што обично тоа го прави Леброн Џејмс на спротивната страна. Дурант мечот го заврши со 43 поени 13 скока и 7 асистенции, што е негов рекорд вкариерата за дуел од плејоф средба. Тој стана и првиот играч во историјата на Голден Стејт кој ја надминал бројката од 40 поени на гостински терен во меч од НБА финале. 

Кливленд започна добро и покажа дека нема да се предаде лесно. Домаќините на полувремето имаа и шест поени предност, но во второто полувреме Голден Стејт покажа зошто е шампион. Гостите ја добија тренета четвртина со осум разлика (31:23) и во решавачките 12 минути влегоа со предност, која до крајот само ја зголемија.

Интересно е тоа што после Дурант, втор најдобар стрелец во тимот на гостите беше Стеф Кари со 11 поени, а други четворица играчи на Голден Стејт застанаа на 10 поени на овој меч. Кај Кливленд очекувано Леброн беше најефикасен со 33 поени, 10 скока и 11 асистенции, но дури ни трипл-даблот не му помогна да го одведе Кливленд до победа. 

 

Најново во Кошарка