ПРВИОТ ЧОВЕК НА ЦСКА ПОМИРЕН СО СУДБИНАТА

Ако Тео добие понуда од НБА...

Андреј Ватутин е свесен доколку било кој тим од НБА го сака Милош Теодосиќ, ниту еден европски не може да парира на таква понуда...

објавено: 16 мај 2017 - 20:00

Дали Милош Теодосиќ, еден од најдобрите европски, па и светски плејмејкери, ова лето ќе ја напушти ЦСКА и ќе прифати некоја понуда од НБА лигата?

Прашање на кое во овој момент одговор нема ниту првиот човек на „армејците", Андреј Ватутин.
Или пак богатиот Русин не сака да каже, да го потврди тоа за кое говори целиот кошаркарски свет во последно време.

„Не можам да одговорам на тоа прашање затоа што играчот сеуште не си заминал, а можно е да остане и да потпише нов договор. Милош е уникат. Уникатен е како и Нандо Де Коло, Виктор Хријапа, и сите останати играчи на ЦСКА. Но, ако некој НБА клуб даде понуда за Теодосиќ, ќе биде невозможно да се натпреваруваме со нив" - појаснува едноставно Ватутин.

Творецот на оваа ЦСКА вели дека познава голем дел од генералните менаџери на повеќе екипи од НБА лигата (Бруклин, Сан Антонио, Денвер, Оклахома, Хјустон)...

„Тимовите кои сакаат да го скаутираат Милош можат да го прават тоа без наша помош. Ми се чини дека тимовите кои имаат конкретен интерес во врска со Теодосиќ и не се споменати во медиумите" - појаснува првиот човек на „армијата" веќе долги десет години.

Веќе во петок, во Истанбул ЦСКА ја чека тешка битка во одбрана на евролигашкиот трофеј. Пред нив во полуфиналето е Олимпијакос, екипа која досега ги добила сите три мечеви против „црвените" на завршните турнири од Евролигата.

„Таа лоша статистика е за новинарите и за навивачите. Јас сум прагматичен. Секој тим 'живее' една сезона, и сега целиот наш фокус е на средбата во петок, а не во иминатото. Ме прашаа дали повеќе би сакал да играме против Ефесе а не против Олимпијакос. Не! Шампионот мора да го победи секој ривал"- јасен е Ватутин.

Не „бега" од констатацијата дека ЦСКА има на располагање дури 42. милиони евра за оваа сезона...

"За разлика од останатите наши противници, кои се однесуваат сосема поинаку, иако буџетите им се слични на нашиот, кај нас е се отворено. Но секогаш се зборува само за парите во ЦСКА. Платите во ЦСКА се доверлива работа. Ако играчите не си ги покажале договорите едни на други, тогаш не гледам причина меѓу нив да има љубомoра" - вели Ватутин, алудирајќи на еден момент кој пред неколку години се случи во Панатинаикос. Односно кога Василис Спанулис дознал дека има помала плата од Димитрис Дијамантидис и дека поради тоа заминал во Олимпијакос.

Најново во Кошарка