НОВ МОМЕНТ ВО НАЈАВА

ЕВРОЛИГАШИТЕ ПОПУШТААТ: Некои од нив ќе ги ослободат играчите за ФИБА „прозорците"?

Дури пет евролигашки клубови, според последните информации, би можеле да попуштат пред притисокот на Светската кошаркарска федерација.

објавено: 5 ноември 2017 - 22:55

„Војната" која во изминатиот период се води помеѓу Евролигата и ФИБА, би можела да заврши со победа на Светската кошаркарска федерација.

Особено по последните најави кои велат дека дел од клубовите кои учествуваат во ова издание на Евролигата се согласни да ги ослободат своите играчи-репрезентативци за настап во ноемвриските квалификации за СК 2019 година во Кина.
А една таква најава дојде од Химки.

Екипата од Подмосковието потврди дека е подготвена да го ослободи Марко Тодоровиќ да настапи за селекцијата на Црна Гора.
Дали по тој пат ќе тргнат и некои други клубови од најсилната лига во Европа?
Според кошаркарскиот портал „Еурохупс", дури пет клубови од Евролигата ја разгледувале можноста да ослободат дел од своите играчи за репрезентативните акции во текот на ноември, но и подоцна, во оној февруарски дел од квалификациите.
Освен Химки, станува збор за Анадолу Ефес, ЦСКА, Макаби од Тел Авив и Панатинаикос.

„Нема да има промени во распоредот на Евролигата, затоа што клубовите донесоа заедничка одлука, да нема промени во календарот. Сепак, имаше одреден притисок, не само од националните федерации, туку и на политичко ниво. Поради тоа клубовите ја разгледуваат наведената опција" – пишуваат новинарите од овој портал, кои најавуваат дека „преговорите" се во тек.

Најново во Кошарка