ПОРАДИ ЗАФАТЕНОСТ НА „ВИП АРЕНАТА" ВО „БОРИС ТРАЈКОВСКИ"

Европска „преселба“: Соколи ќе ги предизвикаат Русите во „Јане Сандански"

Првиот домашен натпревар во ФИБА Европа купот, екипата на Карпош соколи ќе го игра во малата сала на спортскиот центар „Јане Сандански". Тоа ќе се случи на 25 октомври, кога во Скопје треба да гостува рускиот клуб Нижни Новгород.

објавено: 13 октомври 2017 - 15:48

Причина за ваквата привремена преселба на „соколите" е зафатеноста на „ВИП Арената" во спортскиот центар „Борис Трајковски". Во најголемата скопска спортска сала, во периодот од 25 до 29 октомври ќе се одржува саемската манифестација „Технома".

Во 43-годишната историја на „Технома", годинава за првпат настанот нема да се случи во халите на скопскиот саем, па како замена, за најсоодветен простор беше избрана големата сала во СЦ „Борис Трајковски".
Раководството Карпош соколи откако доби информација дека салата е зафатена во денот кога иамат закажано меѓународен меч, мораше брзо да бара друго решение, и одлуката падна како домашен терен да ја пријават малата сала во „Јане Сандански" во Аеродром.

Во таа сала, која ги исполнува сите услови за одигрување на мечеви од рангот на ФИБА Европа купот, „соколите" лани како домаќини одиграа и еден меч од АБА лигата.

Имаа успех, со ефикасна игра ја изненадија загрепска Цедевита и извојуваа значајна победа. Можеби и овојпат ќе им се посреќи и повторно во истата сала ќе дојдат до голема победа против некогашен евролигаш. Нижни Новгород лани гостуваше во Скопје, кога во рамките на Еврокупот, играше во група со МЗТ Скопје Аеродром.
Првиот меч за К. Соколи во ФИБА Европа купот е на гости кај унгарски Солнок на 18 октомври. Потоа во второто коло го играат споменатиот меч дома со Нижни. Преселбата во Аеродром е само привремена. Според она што може да се види на официјалниот сајт на ФИБА, како место за одигрување на другите два домашни меча, на 8 ноември со Солнок и на 6 декември со Фалко вулкано, е пријавена нивната матична арена „Борис Трајковски".

Најново во Кошарка