ШПАНЕЦОТ ПРЕДВИДУВА СЈАЈНА ИДНИНА ЗА ВУНДЕРКИНДОТ

ГАСОЛ: Дончиќ ќе биде меѓу „главните" во НБА

Легендарниот центар на „фуријата"само со пофални зборови за словенечката сензација на Евробаскетот...

објавено: 14 септември 2017 - 10:35

Едниот има 18, а другиот 37. години. Еден е звезда која доаѓа, другиот пак е одамна во тој стадиум. И не само европска, туку и светска, дел од НБА лигата.

Вечерва ќе бидат еден на страната на Словенија, другиот на страната на Шпанија, поставени, спремни за битка која носи финале медал на Европското првенство.
Едниот е Лука Дончиќ, другиот Пау Гасол, и само еден од нив двајца може да биде победник во вечерашното полуфинале од Евробаскетот, закажано за 20.30 часот.
Но како вистински спортист, како што е низ сите овие години наназад, Пау Гасол има само пофални зборови за својот вечерашен „противник".

„Дончиќ има многу талент и тој е еден од клучните фактори за успесите на словенечката репрезентација на Европското првенство. Тој ќе биде еден од 'главните' играчи и во НБА лигата. Тој ги има сите квалитети за тоа" - рече искусниот волк кој зад себе има 16. сезони во најсилната лига на светот и два шампионски прстени, заокружени со шест учества на ол-стар викендот.

Се очекува дека Дончиќ ќе биде еден од водечките пикови на наредниот драфт во НБА, а можеби и ќе го помине постариот од браќата Гасол, кој во 2001 година како трет беше одбран од Атланта Хоукс и веднаш трејдуван во тогашните Ванкувер Гризлис.
Во досегашниот дел од шампионатот, словенечкиот вундеркинд бележи одлични бројки. Има просек од 15.7 поени, 7.7 скокови и 3.1 асистенции.
Импонираше неговата игра во четвртфиналето против Летонија, кога со 27. реализирани поени, стана најефикасниот играч на 18 години кој го направил тоа во историјата на Евробаскетот.
Партија која може да се мери само уште со постигнувањето на Арвидас Сабонис, кој со 19 години даде еден поен повеќе за СССР против Холандија на средба од ЕП одржано во 1983 година.

 

Најново во Кошарка