КОГА „СТАНА" АЛЕКСЕЈ ШВЕД, СЕ БЕШЕ ПОИНАКУ

Голема е Русија, ја „покори" и Грција!

Откако во првото полувреме имаше само четири поени, во продолжението на четврфиналето, најдобриот руски кошаркар „експлодираше" уште еднаш, и ја однесе „зборнаја команда" до голем триумф (74:69), и во првата „четворка" на европската репрезентативна кошарка.

објавено: 13 септември 2017 - 19:42

Претходно, односно во уводниот дел од третиот четвртфинален дуел во Истанбул, изгледа дека руските кошаркари не ја сфатија доволно лекцијата која Грција и ја даде на Литванија пред некој ден.

„Отпишаните" не променија ама баш ништо ниту во пристапот, ниту во играта и против вториот фаворит од некогашниот СССР.
Идејата да се сопре Алексеј Швед ја реализираа 100%. Уште од самиот почеток. Тотално изненадување беше нивната постапка во играта во одбраната. Од друга страна, во нападот функционираа уште подобро.
По нерешените (15:15) во 7. минута, до истекот на првиот период, Грција за првпат се одвои, на (24:17). Но не се задоволија со тоа, притиснаа уште повеќе, па дојдоа и до двојно поголеми (35:22).


А Русите треба да бидат задоволни што на полувремето заостануваа само шест поени (31:37), затоа што Мозгов (со 11 поени) компензираше дел од поените на Швед (само четири и шут 1/9 од поле).
На другата страна Принтезис и Калатес искомбинираа 22. поени, па Грција сочува добар дел од позитивата.
Двете тројки, токму на Швед, во средината на третата четвртина ги држаа „црвените" подалеку од поголеми проблеми (39:47). Но без Мозгов во тимот, не беа воопшто „високи".
Рано влегоа во „бонус", но погоди и Воронцевич, доволно за грчки „тајм-аут", при резултат (45:49).
Со еден вистински Швед (13. поени во четвртината), Русија стигна и до израмнување (51:51), пред Бурусис да погоди, конечно, еден зицер.

Но проблем за Грците беше што се разигра најдобриот стрелец на ЕП. По 26. поен на Швед, во 34.минута, Русија имаше плус 6 (65:59). Сепак ова четвртфинале во кое во улога на делегат беше нашиот Антонио Угринов, не помина без драматика.
Во последната минута двете екипи влегоа со плус 2 за Русија (68:66). Долго време Кхвостов ја држеше топката, чекаше блог од Мозгов, и кога го доби, се одлучи на влез и погоди за високи (70:66), и само 45. секунди до крајот.

Откако не врати Бурусис, Кхвостов даде и еден „пенал" за (71:66), но поважно од тоа беше скокот во напад, кој ја донесе пресудата... Русија оди во полуфиналето, Грција дома.

Ќе игра со подобриот од дуелот Италија-Србија, предвиден за 20.30 часот. 

 

Најново во Кошарка