МАКЕДОНСКИОТ КОШАРКАР ПО ЧЕТВРТИ ПАТ НА ФАЈНЛ-ФОР

Македонскиот рекордер Антиќ дециден: Сакам финале Фенер - Олимпијакос

Вечерва, во Истанбул стартува завршницата во Евролигата. Македонскиот кошаркар, Перо Антиќ по четврти пат ќе биде дел од евролигашкиот спектакл. Тој со неговото искуство ќе се обиде да му помогне на Ферербахче да дојде до првиот пехар. 

објавено: 19 мај 2017 - 14:00

Најсилното европско клупско натпреварување, Евролига за македонските клубови и натаму ќе остане голем и речиси и недостижен сон. Но, благодарение на Перо Антиќ се чуствуваме горди, особено кога станува збор за завршниците во европската елита. Тој е македонски рекордер, бидејќи по четврти пат ќе биде дел од Фајнл-фор турнирот во Евролигата, чиј домаќин е Истанбул. 

Антиќ првата европска круна ја освои токму во овој град, со неговиот Олимпијакос во 2012 година во Синан Ердем дом" славеше против ЦСКА со 62-61. Следната година со грчкиот тим во Лондон ја одбранија титулата, во финалето беа подобри од Реал Мадрид со 100-88. Минатата година, со Фенербахче стигна до финалето, но беа поразени од ЦСКА со 101-96

„После напорната сезона на три фронта и многуте повреди, среќни сме што дојдовме на финалниот турнир. Во 2012 година, никој не очекуваше од Олимпијакос дека ќе ја освои титулата, и затоа имам убави спомени од салата „Синан Ердем". Јас лично во 2011 играв во ФИБА-купот и за една година се најдов во ситуција да освојам европска круна. Тоа беше успех за мене, за моето семејство и за мојата татковина. Годинава, во полуфиналето, играме со Реал Мадрид и од лично искуство мислам дека скаутирањето на противниците нема голема улога на вакви натпревари. Ќе пресудат поголемата желба за победа и борбеноста на теренот. Добро се познаваме, и затоа мотивацијата ќе биде клучна. Во финалето во 2013, губевме со 17 разлика, а на крајот победивме со 12. На ланското финале не сакам да се потсетувам, многу беше болно, загубивме на една топка. Бевме на еден скок и 1,3 секунди од титулата. Не сакаме да се повтори тоа", вели Антиќ.

Македонскиот кошаркар посакува неговиот Фенербахче да се пласира во финалето и за противник да го има токму тимот на Олимпијакос, кој пак во полуфиналето ќе игра со ЦСКА.

„ЦСКА има подолг ростер и играчи од врвна класа, а предноста на Олимпијакос се хемијата и добрата атмосфера во екипата. Знаете кој од тие два тима ми е во срцето, но многу ги почитувам ЦСКА, неговиот тим и стручниот штаб. Посакувам финале помеѓу Фенербахче и Олимпијакос", додава Антиќ.

 

Најново во Кошарка