ОВОЈ ЕВРОБАСКЕТ МОЖЕ ДА СЕ НАРЕЧЕ И БРАТСКИ

Недостасуваат Војдан и Дамјан...

Поради повреди на играчи како Јанис Адетокумпо и Зоран Драгич, бројот на „братски двојки" на овој шампионат ќе беше и поголем, секако и „отсуството" на браќата Стојановски...

објавено: 9 септември 2017 - 13:40

Го нема Јанис Адетокумпо, го нема ниту Зоран Драгиќ за да им се придружат на своите родени браќа како Танасис и Горан.

Повредите, односно желбата на тимовите од НБА како на пример оној на Милвоки Бакс, условија овој евро-шампионат да помине само со неколку братски тандеми.
А во исто време донесоа и сериозно ослабување за тимови како грчкиот па и словенечкиот кој и без помошта на искусниот бек, засега има максимален ефект.
Сепак, актуелниот Евробаскет на кој од денеска почнува онаа втора, елиминациска фаза за поединци е семејна работа, па имаме, за среќа, дури четири братски двојки и тоа во три различни селекции.

Пау и Марк Гасол
Шпанија има дури две братски двојки. Далеку попозната е секако онаа на семејството Гасол.
Долго време Марк беше во сенка на својот поголем и постар брат. Но како одминуваше времето така „Големиот бурито" стана еден од најдобрите играчи во Шпанија, во АЦБ лигата, а сега пак е еден од најдобрите центри во светот.


И можеби во репрезентативната кошарка нема толкаво влијание како Пау, но затоа пак во НБА лигата сликата е сосема поинаква. Тој е трејд-марк на Мемфис Гризлис.
Сепак, Пау е Пау, и начинот на кој со свои 35. години го освои минатиот Евробаскет е нешто што навистина ретко ќе се повтори. Но тоа е само една од работите која делува импресионирачки кај носителот на два шампионски прстени во НБА (двата со ЛА Лејкерс).
Тој е член на генерацијата 1980, која и ја започна доминацијта на Шпанија. А изгледа дека и пет години младиот Марк, еднакво долго ќе се обиде да го продолжи овој неверојатен низ на „фуријата" крунисан со бројни трофеи.
И да не заборавиме, Пау и Марк се основната причина што Шпанија е повторно фаворит на Европското првенство.

Вили и Хуанчо Хернангомез
Тие би требало да бидат наследниците на Пау и на Марк во шпанскиот национален тим, а Серџо Скариоло го знае тоа па им дава се поголем простор во екипата.
Вили е роден во 1994 година, висок е 211 сантиметри и игра на позицијата на центар. Но не се задржа долго во Европа (во Реал Мадрид), а зад себе има сосема добра „руки" сезона со Њујорк Никс (8.2 поени и 7. скокови во просек). Го оформи своето тело, што во комбинација со одличната грбна техника може да го трансформираат во навистина добар играч.
Хуанчо е една година помлад, висок 206 сантиметри, и е идеален да ја рашири противничката одбрата од позицијата „четири" затоа што располага со одличен шут. И тој е дел од НБА лигата, во ростерот на Денвер Нагетс, каде во сезоната која е зад нас имаше по 4.9 поени за 13.6 минути во игра.
И навистина е тешко да се каже дека ќе го достигнат играчкото ниво на браќата Гасол, иако и не е чесно да се бара тоа од нив, но се залог за иднината на Шпанија да го одржи ова трофејно ниво во европската кошарка.
Да, постои и уште една голема разлика – Пау и Марк се Каталонци, а Вили и Хуанчо „мадридисти", или заколнати навивачи на Реал.

Даирис и Давис Бертанс
Секако, потекнуваат од спортско семејство, затоа што и нивниот татко Даинис исто така бил професионален кошаркар, додека нивната мајка се занимавала со веслање.
Позната е приказната за Давис, дека кога во една прилика им помагал на своите родители и братот во сечење на дрва, загубил половина од средниот прст на десната шутерска рака, но и тоа дека тој момент воопшто не влијае на неговата „мека рака" која по играњето во Партизан и Лаборал Куча и го донесе во Сан Антонио Спарс.


И иако зад себе има две тешки повреди на вкрстените лигаменти на коленото, тој квалитет го покажува и сега играјќи заедно со Даирис, три години постариот брат, кој ова лето доби договор од миланскиот Армани.
Иако играта на Летонија се гради околу Кристапс Порзингис, јасно е дека браќата Бертанс се неизоставен дел на тимот и во иднина.
А којзнае можеби и сега е време да добар резултат

Димитриј и Михаил Кулагин
Во младите категории ветуваа многу, но сега како сениори, очекувањата како да се намалени. Лани, како играчи на ЦСКА имаа епизодни улоги, освен кога носителите на играта беа надвор од тимот.
Дмитриј има 25 години, а пред да дојде во ЦСКА играше и за Нижњи Новгород, Триумф (сега Зенит), и Краснаја Крила, а може да одговори на двете позиции, „два" и „три".


Неговиот две години помлад брат, Михаил е и пет сантиметри понизок, и има многу помало искуство (од играње во сегашниот Зенит).
Но и двајцата ги бие глас дека го сакаат „ноќниот живот" што досега ги чинеше уште поголем развој во кариерите. Во некоја „посилна Русија", ивесно е дека немаше да има место за нив во ТОП 12.
Споменатите примери се само нови во низата на успешните браќа на европските шампионати.

И навистина е жално што овие денови немаме прилика одново во дресот на нашиот национален тим да ги видиме Војдан и Дамјан Стојановски. Но сега во една малку поинаква улога, на носители на играта на нашиот сениорски национален тим, туку еден против друг, како што беше пред некој ден, во Истанбул, кога се сретнаа МЗТ Скопје и Бујукчекмече.

Спортот е евидентно вистинка „зараза", и лесно се шири во семејството, како што сите добро знаеме, сите кои го сакаме, особено, тука, во кошарката.

 

Најново во Кошарка